Сугарески: За реконструкција на патишта над милијарда денари

Почнуваат градежни активности за реконструкција на 30 патишта во вредност од над милијарда денари, до крајот на годинава се очекува да бидат завршени работите за патни правци по тој основ во износ од 476 милиони денари. На терен веќе завршува реконструкцијата на шест делници во должина од 58 километри во што се вложени 304 милиони денари, почнати минатиот есен.

 

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, до крајот на овој и до крајот на следниот месец ќе почнат сите планирани реконструкции на патиштата што се финансираат преку Јавното претпријатие за државни патишта, со што, како што потенцира, на терен ќе има силна градежна експанзија.

 

„Ќе имаме над милијарда денари годинава кои ќе бидат потрошени во делот на реконструкција на регионални патишта, експресни патишта итн., наши средства, но и останати кои дополнително се предвидени од Светска банка и ЕБОР“, изјави Сугарески при денешниот увид на градежните активности за реконструкцијана патот Петровец – Катланово.

Реконструкцијата на 5,3 километри пат на потегот од Петровец до Катланово, во вредност од 34 милиони денари, е почната во октомври лани и треба да биде завршена следниот месец.

 

„Овој патен правец во минатиот период беше во исклучително лоша состојба и беше неминовно да се направи негова реконструкција. Тоа е важно за жителите на Петровец, Катланово и Ржаничино, како и за сите кои го користат овој алтернативен пат од автопатот“, рече Сугарески.

 

Како што најавува директорот на ЈПДП Зоран Китанов, до мај треба да биде завршена и рехабилитацијата на автопатот А1 Петровец – Миладиновци и на државниот пат А4 делница Кадино – Хиподром.

 

„Моментално шест патни правци во вкупна должина од 58 километри и вредност од 304 милиони денари што се почнати минатата година се завршуваат и тие се со рамковната спогодба од ЈПДП. Исто така минатата недела завршена е рехабитилацијата на патот од Дебар до Блато“, рече Китанов.

 

Завршена е тендерската постапка и се очекува за еден месец да се изберат изведувачи за патиштата Велес-Градско и Колари – Кичево, двете по 10 километри, како обиколници кај Битола и кај Скопје, од по осум километри. Планирани се 300 милиони денари од буџетот на ЈПДП.

 

„Во тек е и тендерска постапка за рехабилитација на 16 патишта во износ од 800 милиони денари, средства на ЈПДП. Истовремено преку програмата на ЈП „Македонија пат“ е почната рехабилитација на патишта низ цела Македонија, а за останатиот дел планиран со пари од ЕБОР и Светска банка за кои тече тендерската постапка, очекуваме да почне реализација во јуни годинава. Преку ЕБОР се планирани 26 патни правци во износ од 76 милиони евра, а преку Светска банка 12 патишта во должина од 150 километри износ од 14 до 15 милиони евра“, наведе Китанов, потенцирајќи дека градежната експанзија е стартувана со максимален капацитет.

 

Завршено е, информираше директорот на ЈПДП, и комплетното осветлување на Хиподром клучка Белви и клучка Кадино, каде се поставени 276 канделабри со 585 светилки во вредност од 61 милион денари, исто така средства на ЈПДП.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи