Македонија доби препорака за ЕУ, реформите ќе бидат решавачки

Македонија доби препорака за почеток на преговори за членство. Во извештајот за напредокот на земјава, објавен денеска во Стразбур, Европската комисија дава зелено светло за преговорите да почнат.

 

„Задржувањето и продлабочувањето на сегашниот момент за итните реформски приоритети ќе биде решавачки. Комисијата, за ова да го поддржи, ќе применува засилен пристап во преговарачките поглавја во делот на судството, фундаменталните права и правдата, слободата и безбедноста во земјата“, пишува во документот.

 

Комисијата нотира „позитивна промена во политичкото размислување – нешто што го немало во изминатите години, и што било пречка во реформскиот процес”.

 

Во извештајот се забележува дека и покрај тешкотиите поради отсуството на главната опозициска партија, од декември до крајот на јануари, главните стратегии и закони биле усвоени, а многу други се во подготовка за усвојување во наредните месеци.

 

Во пресрет на објавувањето на извештаите за сите земји од Западниот Балкан, овие два дена во Белград, во организација на Европскиот фонд за Балканот, се дебатира за иднината на регионот и брзината со која може да се интегрира во Унијата.

 

„ЕУ треба да се фокусира на подобро одредување на временската рамка за отворање на пристапните преговори со секоја од земјите од Западен Балкан. Тоа значи дека сакаме сите шест земји од регионот да почнат преговори што е можно побрзо“, вели Срѓан Мајсторовиќ од Европскиот фонд за Балканот.

 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека се е во наши раце.

 

„Сакаме други да обвинуваме за нашите проблеми – дали се тоа соседите, Брисел, и велиме никој не не сака, но, се` е во наши раце. Никој не рече дека градењето европска демократија е лесно“, рече Димитров.

 

Во завршната декларација што ја усвои Европскиот фонд за Балканот, се вели дека приемот во ЕУ не е цел сама по себе, туку можност за целосна трансформација на регионот.

 

„Ако регионот ја искористи оваа шанса, тој може да стане дел од ЕУ и да го изедначи демократскиот, социјалниот и економскиот развој со земјите членки на ЕУ. Но, ако Западен Балкан ја испушти оваа шанса, ризикува да заостане зад ЕУ, без јасна визија, изложен на дополнителна дестабилизација“, се вели во декларацијата.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien