Промоција на зборникот „За и од Киро Глигоров“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Единствен глас на разумот во тешките времиња во регионот кому над секој интерес му беше мирното решение, кажаа за Киро Глигоров говорниците на денешната промоција на зборникот посветен на првиот претседател на Република Македонија.

 

Насловен „За и од Киро Глигоров“ тој ги содржи излагањата од конференцијата „Улогата на претседателот Глигоров во меѓународното етаблирање на Република Македонија“ која лани во мај ја организираа МАНУ и Дипломатскиот клуб-Скопје за сто години од раѓањето на Глигоров. Со објавувањето на зборникот се одбележуваат и 25 години од приемот на Македонија во Обединетите нации (8 април 1993).

 

Покрај излагања од учесниците, изданието има и изјави на 60-ина државници, политичари, дипломати од земјата и од странство посветени на Глигоров. Содржи и 30-ина извори на излагања на претседателот за разни поводи, исцрпна биографија и фотодокументација од неговата политичка активност.

 

Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, рече дека Глигоров бил исклучително мудар политичар со 45-годишна кариера во Белград каде извршувал високи политички функции. Почитта ја стекнал со своите економски политики зашто, иако правник, е еден од креаторите на југословенскиот економски систем и на стопанските реформи.

 

„Кога стана претседател, многу луѓе му замеруваа дека е премногу пројугословенски ориентиран, дека настојува со сите сили да се задржи југословенската федерација, дека многу се двоумел во организирањето референдум за прогласување независност на Република Македонија итн. Но од една пристојна историска дистанца денес, кога ја гледаме целата констелација на економски, политички и меѓународни услови во тоа време, мислам дека апсолутно постапуваше мудро, разумно и постепено ги градеше и донесуваше одлуките заедно со неговите соработници“, истакна Фити.

 

Познавајќи го од 1980 година, и во многу наврати соработувајќи со претседателот, рече дека Глигоров имал многу доблести – непосреден, љубезен, трпелив и подготвен да сослуша секого и кога не се согласувал со нечии ставови.

 

Виктор Габер, претседател на Дипломатскиот клуб-Скопје, истакна дека за време на својот мандат Глигоров спречил градење култ на личност и не дозволил, рече, митовите да надвладеат над фактите, додавајќи дека првата деценија од независноста на државата по тоа се разликува од последната.

 

„Глигоров знаеше дека во секој момент треба да се прави максимален напор да се искористат дадените околности и да се оди кон зацртаната цел за развојот и интересот на својот народ“, рече Габер, зборувајќи за меѓународната активност на Глигоров кого го нарече патриот и државник.

 

Дипломатот и своевремено советник на Глигоров, Ахил Тунтев, на отворањето на промоцијата забележа што стогодишнината од раѓањето на Глигоров минатата година не била достојно одбележана од официјалните органи на државата, а во програмата на Собранието на РМ за одбележување значајни настани рече не е спомната ни 25-годишнината од приемот на РМ во Обединетите нации.

 

„Но ситото на историјата е бескомпромисно. Глигоров беше искрено почитуван во земјата и светот, а римскиот поет Хорациј рекол: Си изградив паметник поцврст од бронза“, рече Тунтев.

 

Во чест на еден век од раѓањето на Киро Глигоров (Штип, 3 мај 1917 – Скопје, 1 јануари 2012) Македонска пошта објави пригодна поштенска марка и плик.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи