Осумнаесет возила и 300 компјутери доби Министерството за земјоделство како поддршка од ЕУ

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Платежната агенција добија 18 возила „Дачија“ и 300 компјутери во вкупна вредност од 1,4 милиони евра од страна на Европската Унија.

 

„Оваа мала поддршка која ја даваме, ќе направи административниот сектор да биде поефикасен во руралните области. И ова ќе даде голема помош не само во овој сектор, туку и во секторите наводнување, фитосанитарните и ветеринарните работи, но и контроли“, рече Николас Бертолини, од делегацијата на ЕУ.

 

Четиринаесет од возилата се наменети за платежната агенција, а четири за министерството, додека компјутерите се за администрацијата. Министерот Љупчо Николовски посочи дека модернизацијата на возниот парк на Платежната агенција е важна за подобра мобилност на вработените и директна комуникација со земјоделците на терен.

 

Во делот на ИТ-опремата, која е за потребите на МЗШВ, министерот потенцира дека се работи за пионерски потфат, а МЗШВ е прва институција што воведува ваков најнов ИТ-виртуелен систем, со кој ќе се овозможи подобрување на сигурноста во работењето и ќе се создадат многу подобри услови за соработка на администрацијата, како и поедноставување на системот за управување со документацијата.

 

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството Никола Бабовски вели дека сега ќе може да се зајакнат контролите на терен, но и ќе се овозможи и поголема искористеност на европските пари од ИПАРД програмата.

 

„Овие возила ќе ги користиме како голема техничка помош во овој сегмент за побрзо искористување на средствата, подобра имплементација, на програмите. Вчера го добивме и извештајот од ЕУ, кој е добар за Македонија, но примарен дел е секторот земјоделство“, изјави Никола Бабовски – директор на Агенција за поддршка на земјоделството.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien