Спасовски: Нема навестувања за нов мигрантски бран

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска изјави дека не постојат закани од нов мигрантски бран на „балканска рута“. Тој за време на генералното собрание на шефовите на полициите од државите на ЈИЕ во Охрид порача дека Македонија е подготвена во секој момент соодветно да реагира доколку мигрантската криза добие на интензитет.

 

Тој истакна дека се засилува контролата на јужната граница поради последните случувања во Сирија и опасноста од пораст на бројот на бегалци кои би транзитирале преку државава. Во Македонија доаѓа и Фронтекс, европската гранична полиција создадена да ги штити надворешните граници на Унијата.

 

„Мигрантската криза во секој момент може да добие на интензитет и тоа не е само поради временските услови туку и заради состојбите кои се на Блискиот Исток, но и во регионот и поради односите на релација Европска Унија –Турција. Јужната граница ја чуваме заеднички со полициски службеници од повеќе земји од регионот и од Европа, а во завршна фаза сме на склучување на договор со „Фронтекс“ кој ќе помогне во заштита на нашата јужна граница и на тој начин можеме да констатираме дека Македонија е подготвена за било каков бран“, рече министерот Спасовски.

 

Спасовски кажа дека и двата прифатни центри во Табановце и Гевгелија се подготвени да примаат нови бегалци. Откако е затворена балканската мигрантска рута, значително е зголемен бројот на илегални преминувања и криумчари кои што се обидуваат бегалците за одредени суми на пари да ги префрлат од едната до другата граница.

 

Во Охрид шефовите на полициските служби од Југоисточна Европа разговараа како да ја подобрат борбата против прекуграничниот криминал, тероризмот и насилниот екстрмизам, со цел да се зголеми нивото на безбедност.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien