Нов закон за поефикасна заштита од дискриминација

Проширување на основите за дискриминација, унапредување на работата на Комисијата за заштита од дискриминација и нејзина професионализација со цел поефикасно решавање на претставките, дефинирање на нејзините надлежности и кога тие се префрлаат на суд, предвидува новиот Предлог закон за заштита од дискриминација, за кој денеска се одржа последната јавна расправа.

 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска смета дека ова законско решение е добро, бидејќи како што рече, е усогласено со европското законодавство, меѓународните стандарди, но дава и вистинска заложба дека оваа Влада и државата имаат намера да ги заштитат граѓаните од дискриминација.

 

„Со законот не само што ги прошируваме основите, туку даваме можности професионално да се одлучува по пријави или иницијативи за сторена дискриминација. Што значи дека сега имаме три нивоа. Едно дека имаме професионална и стручна администрација, која ќе ја поддржува Комисијата, имаме комесари кои нема да бидат бирани од политичките партии, туку ќе бидат експерти, но и Комисијата ќе може да формира советодавно тело ако за нешто нема доволно информации и знаење“, рече министерката Царовска.

 

Но, рече таа, не треба се да остане на добро законско решение, туку да се работи и на негова нивна примена. Доколку секој од нас, рече, ако во праксата дискриминира, и не се поставува од другата страна многу тешко ќе спречиме дискриминација само со закони.

 

Претставникот на ОБСЕ во Македонија Џеф Голдштајн, вели дека ваквото законско решение ќе ја зајакне заштитата од дискриминација и како што рече, ќе изгради општество еднакво за сите.

 

Најави дека во иднина ОБСЕ ќе продолжи да го поддржува процесот на недискриминација, Националното координативно тело за антидискриминација, Комисијата за заштита од дискриминација, граѓанските организации, но и Секретаријатот на Комисијата што ќе се формира по донесување на законот.

 

Силва Пешиќ од Канцеларијата на високиот претсваник на ОН во Македонија, вели дека добро законско решение е битно не само за оние на кои им треба заштита, туку и оние кои треба да постапуваат за да ги заштитат. Добар закон, рече, дава јасни патокази како овие лица да постапуваат при заштитата на граѓаните од дискриминација.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien