Делницата Демир Капија – Смоквица, која е во должина од 28,2 километри денеска беше пуштена во употреба. Патувањето на тој потег по автопатот „Пријателство“ ќе се скрати за 25 минути.
„Овој автопат се градеше долго поради многу тешкиот планински предел и клисурата, која ја отежнуваше работата, но еве денеска го пуштаме во употреба. Истиот има два тунели, кои ќе бидат најдолгите во Македонија – по еден километар секој од нив. Делницата значително ќе го скрати времето на патување“, рече Горан Сугарески, министерот за транспорт и врски во својот говор на свеченоста.
На свеченоста беше истакнато дека на делницата се очекува годишно да поминат по 730.000 возила, а побрзото и побезбедно патување треба да придонесе за развој на економијата и поголема соработка на регионот и негова интеграција со европскиот пазар.
Вредноста на автопатот изнесуваше 218 милиони евра во делот на изградбата и 10 милиони евра за надзор, а од вкупните средства 70 милиони евра се грант од ЕУ, а останатите со заеми од Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, како и шест милиони евра од државниот Буџет.
Долж трасата на автопатот изведени се над осум милиони метри кубни високи насипи и длабоки ископи во теренот, шест моста, два тунела со должина од над 1,2 километри, две сообраќајни клучки кај Миравци и кај Смоквица, сто канали. Поставено е современо енергетско и ефикасно осветлување во тунелите, како и системи за вентилација и детекција и гаснење на пожар, за резервно напојување со електрична енергија, како и SCADA систем за мониторинг и управување со сообраќајот.
На новиот автопат треба да има две патарини, кај Гевгелија и кај Демир Капија, за кои пред еден месец беше изградена градежна дозвола и се очекува да бидат завршени за околу осум месеци.