Фосилни остатоци од изумрен слон од пред околу осум милиони години се откриени во близина на неготинско Долни Дисан. Според првичните согледувања, најверојатно станува збор за остатоци од околу 50-годишно животно, тешко околу 10 тони.
Билјана Гаревска од Природонаучниот музеј од Скопје изјави дека станува збор за фосилен остаток на еден од предците на слоновите.
„Станува збор за род што е општо познат кај нас во Македонија и во Европа, меѓутоа интересно е тоа што првпат наоѓаме повеќе коски од истиот вид на исто место. Се работи за две коски од екстремитети и катници. Катникот ни дава можност да дознаеме за староста и возраста на животното и останати коски кои дополнително ќе треба да ги доизвадиме. Пронајдокот е од пред осум милиони години“,рече Гаревска.
Професор на Бугарската академија на науките и директор на Националниот природоначуен музеј при Бугарската академија, Николај Спасов, кој исто така учествувал во истражувањето рече дека тука се наоѓа едно од најинтересните палеонтолошки откритија од доцниот миоцен на Македонија од времето на т.н. фауна.
„Ова е време кога природата на Балканот била многу поблиску до далечната африканска фауна отколку сегашната. Се радуваме бидејќи ја направивме првата експедиција на Музејот на Македонија и на Националниот Природонаучен музеј на Бугарија при БАНУ и горд сум што успеавме да го направиме ова. Се радувам дека ќе работиме заедно, овој вид на истражување има не само локална важност туку и за сите учесници во истражувањето во оваа област“, истакна Спасов.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски денеска го посети локалитетот и изјави дека се работи за голем палеонтолошки наод, што го открија во меѓусебна соработка научниците од Природонаучниот музеј на Македонија и нивните соработници од Бугарија.
„Македонија има неколку исклучително ретки наоди и ова е едно од поспектакуларните откритија. Тоа ја сместува Македонија и на палеонтолошката мапа на Европа и светот и драго ми е што ние имаме капацитет вакви наоди, прво научно да ги истражиме, а потоа да ги ставиме на увид на јавноста, со што нашите музеи, особено специфичноста на Природонаучниот музеј, добива на значење“, нагласи Алаѓозовски.
Фосилот прв го пронашол локалниот жител Васо Ташев кој истакна дека најпрвин пронашол еден дел од коската и знаел оти има поголем дел. Го засипал и им го покажал на стручните лица од музејот.
Во тек се палеонтолошките ископувања од страна на експерти за колекционирање и конзервирање на пронајдените фосилни остатоци.