ВИДЕО – Македонско-турска компанија ќе отвора нов рудник за мермер во Прилеп и Долнени

7,3 милиони евра, толку тежи договорот за концесија за геолошки стражувања на мермер во областа Самарница, во близина на рудникот Сивец, кој денеска го потпишаа македонско – турската компанија „Волостон“ и Министерството за економија. Концесијата е земена на 30 години, а површината за експлоатација ќе се простира на површина од 4.6 км2. Од таа површина една третина се наоѓа на територија на Општина Прилеп,  а две третини на територија на Општина Долнени.

 

 

„Планираме во рок од 4 години да инвестираме околу 22 милиони евра, ќе имаме голема фабрика со 500 вработени, а првата година ќе се вработат 100 мина“, истакна Абдулметали Буши, концесионер.

 

„Ние како Влада сега очекуваме општините овие средства да ги користат за инфраструктурни проекти, водоводи, канализации и локален економски развој“, вели Крешник Бектеши, Министер за Економија.

 

Седумдесет и осум проценти од парите за концесијата одат за општините, а 22 проценти ќе завршат во буџетот на државата.  Средствата веќе биле легнати на сметките на општините.

 

„Овие средства кои веќе пристигнаа на нашите сметки ќе бидат искористени за вас граѓаните со подобрување на инфраструктурата и реализирање на нашите проекти“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

„Имаме населени места каде најголемиот проблем му е водата за пиење, имаме населени места каде нема канализација“, додаде Џемил Ќамили, градоначалник на Долнени.

 

Општина Прилеп ќе добие 2 милиони евра, а Општина Долнени 3,7 милиони евра.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien