Според официјалните податоци од Пакомак, кој е колективен постапувач за отпад од пакување, во 2017 година количините на собран отпад во Република Македонија биле 1.565 тони, од кои 936 тони собрало јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Прилеп, односно 60% од вкупниот селектиран отпад во РМ, кој го собрале 15 најголеми јавни претпријатија во РМ. Како што истакна директорот на ЈКП „Комуналец“, Прилеп Звонко Јованоски, во 2017 година јавното комунално претпријатие од Битола, собрало 165 тони отпад, или 6 пати помалку од Прилеп, а уште подрастичен бил примерот со Комунална хигиена од Скопје, кои собрале само 92 тони или 10 пати помалку од Прилеп. Овој проект за примарна селекција на отпадот во Прилеп се спроведува од 2011 година, а со поставување на контејнери за селекциија на јавно прометни површиини е започнато во 2008 година.
„Јавното комунално претпријатие Комуналец од Прилеп продолжува интензивно со селекцијата на отпадот од пакување, така да според најновите показатели од првиот квартал од 2018 година, што ги добивме од нашите служби, направена е споредбена анализа од 2017 година, кога во првите 3 месеци собрани се 178 тони отпад од пакување, додека истиот овој квартал во 2018 година зголемена е селекцијата на овој отпад за 5%, или вкупно се собрани 187 тони отпад од пакување. Со тоа укажуваме дека ЈКП Комуналец го зголемува интензитетот на собирање и селекција на отпадот од пакување и грижата за нашата животна средина. Како наша интенција и наша цел е зголемување на селекцијата на отпадот, така да првиот квартал од 2018 година, во примарната селекција на отпад од пакување ги вклучивме и руралните населени места од Општина Прилеп. Така да во првото тромесечие се распределини 1073 канти за куќна селекција, со вкупно 582 нови корисници во населените места од градот, односно селата Ерековци, Беровци, Алинци, Кадино Село, Галичани, Тополчани, Загорани, Веселчани, Ново Лагово, Старо Лагово и Селце. За нас изненадувачки е тоа што 96% од населението во овие села ја прифатија примарната селекција на отпадот, кое е како што знаете на доброволна база. Во градот ни се распредели 16.703 канти за куќна селекција, со вкупно 8918 корисници кои го селектираат отпадот, или градот ни е опфатен со 68% покриеност со куќната селекција. Додека 100% покриеност имаме во контењерската селекција на отпадот, каде што се поставени контењери по стамбените блокови, зградите, јавно-прометните површини итн“, истакна Јованоски.
Јавното комунално претпријатие Комуналец од Прилеп како најдобро комунално претпријатие што селектира отпад, од Пакомак доби уште 30 нови контењери за селекција на стаклена амбалажа. Истите тие контењери ќе биле поставени идната недела, на сите јавни површини.
„Исто така Комуналец од Пакомак доби картонски корпи за селекција на хартија и отпад од пакување. Ги повикуваме сите заинтересирани фирми, институции, јавни установи кои сакаат да ја селектираат хартијата што ја употребуваат во нивните институции да се обратат до нашите канцеларии во ЈКП Комуналец, или на нашиот телефон 048 428 992. Тие картонски корпи се идеални за сместување по ходниците на јавните претпријатија и истите се бесплатни. Ги повикуваме сите фирми, сите институции да се вклучат во примарната селекција на отпад и во заштитата на животната средина“, додаде Јованоски.