Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски го избира својот тим врз основа на валидни критериуми за образование, стручност, компетентност и одговорност во работата. Според тоа, тој е и лично одговорен за ефектите од работата на новоизбраниот тим. Но, вработувањата во образованието, детските градинки, јавните претпријатија и Регионалната канцеларија на Стопанската комора на Прилеп, не се во моја надлежност. Вели во писменото соопштение градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, кое доаѓа како реакција на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Реакцијата ја пренесуваме во целост.
Разбирливи се чекорите на ОК на ВМРО-ДПМНЕ преку вакви прес конференции да се обидува да ја девалвира мојата работа, во обид да ја здобие повторно довербата кај граѓаните по постизборното фијаско.
Затоа во оваа пригода и ОК на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните ќе ги известам повторно за дел од досега сработеното.
Од претходната гарнитура од ВМРО-ДПМНЕ, наследивме долг во Општина Прилеп од 3.5 милиони евра, пари од граѓаните кои што биле недомаќински, безобзирно и недоговорно трошени. Само за 6 месеци од моето доаѓање на градоначалничката функција, долгот е намален за милион евра, а проектите што ги ветив се реализираат чекор по чекор.
Во фаза на реализација се бројни проекти:
- Дневен центар за деца со церебрална парализа;
- Проектот за заштита на природното наследство „Маркови Кули“ (100.000 долари од УНДП);
- Набавка на противпожарно теренско возило и опрема;
- Адаптација на градинката во ОУ „Рампо Левката“;
- Реконструкција на дел од патот што води кон Вештачкото езеро;
- Проект за социјална мобилност финансиран со 550.000 денари.
Одобрување чекаат повеќе подготвени проекти:
- За изготвување на техничка документација за урбанистички планови за селата: Селце и Оревоец;
- За техничка документација за канализација во селата: Селце, Тополчани и Галичани;
- Се подготвува локална стратегија за туризам;
- Програма за енергетска ефикасност 2018-2020г;
- Нов театар во Прилеп;
- Спортско-рекреативен центар „Македонија“;
- Гасификација;
- Набавка на автобуси на погон на метан.
Општина Прилеп наскоро ќе аплицира:
- Во АВРМ за ангажирање на 50 лица за одржување на комуналната хигиена и хортикултурно уредување на градот;
- Во УНДП за времено вработување на 20 лица за обезбедување социјални услуги;
- Во Програмата за локална и регионална конкурентност;
- Во Швајцарската агенција за обнова и развој за средства наменети за форуми на заедниците, со општински буџет реализација на проекти, чиј приоритет го утврдуваат граѓаните.