Димитар Апасиев: Мора радикално да расчистиме со корупцијата и тука нема алтернатива!

Facebook
Twitter
Email
Print

Мора радикално да расчистиме со корупцијата. И тука немаме алтернатива! Кога мислам на „радикално”, мислам на носење специјален закон за потекло на имот на сите јавни функционери од независноста до денес и за измени во Кривичниот законик според кои кривичните дела од областа на т.н. стопански/економски криминалитет воопшто нема да застаруваат и ќе може секогаш да се процесуираат, вели во интервјуто за МКД.мк професорот Димитар Апасиев од партијата Левица.

 

Апасиев, професорот на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ и член на раководството на партијата Левица, неодамна го предупреди премиерот Зоран Заев дека може да се соочи со затворска казна од 5 години ако ја доведе Македонија во позиција на потчинетост во однос на Грција.

 

Како левичар, Апасиев беше еден од најгласните учесници во Шарената револуција, а денес е еден од најсериозните критичари на новата власт.

 

По Шарената револуција и како еден од најжестоките критичари на минатата власт, денес со истата жестина настапувате и против оваа власт. Се разочаравте? Каде е грешката – во традицијата на лошото владеење, во навиките, во кодот…?

 

– Искрено, не можам да речам дека сум разочаран – затоа што ништо добро не очекувавме од СДСМ. Впрочем, затоа и Левица одлучи да оди сама на избори, токму поради нашето неверување во капацитетот на социјалдемократите да донесат вистински подобар живот за нашите сограѓани.

 

Нам ни е туѓ и одвратен тој фејкерски елитизам без покритие, кој е толку многу присутен во редовите на социјалдемократите. Евидентно е дека кај новата власт сѐ е ставено на картата на т.н. „надворешна политика“ (спорот со името, НАТО, ЕУ и сл.), додека најгорливите егзистенцијални внатрешни прашања продолжија да се одвиваат по инерција, исто како во времето на Режимот. Нема придвижување на ниедно поле! Здравството е руинирано, школството несоодветно и скапо, сиромашните се без социјална заштита, работниците се без синдикати, институциите се корумпирани и неефикасни. Нови се само суетите и децата на функционерите што се спопикаа во јавната администрација.

 

Што се однесува до „грешката“ – мислам дека таа лежи на повеќе места. Погрешен е првенствено нашиот изборен систем, кој ги фаворизира големите партии ДПМНЕ и СДСМ и практично „изборот“ се сведува на змијата или магарето.

 

Македонија треба да стане една изборна единица; да се забрани предизборно рекламирање (освен политичките дуели и дебатните емисии, не треба да постојат никакви други форми на агитирање и психолошко заведување); да не се дозволува предизборно, туку само постизборно коалицирање и да се пресече спрегата помеѓу крупниот капитал и партиските врхушки.

 

Всушност, и двете најголеми партии во Македонија се капиталистички партии, односно партии на капиталот и на газдите, додека трудот, т.е. работниците, остануваат политички непретставени – иако се најголем процент од електоратот! Ова веќе ја доведува во прашање и школската дефиниција за „демократија“ (владеење на сиромашното мнозинство) и ја деформира во некоја нова политичка формација од типот на аристократија или плутократија (владеење на богатото малцинство).

 

Зошто таа „трета опција“ не успева кај нас? Кога и да се појави, брзо се претопува во едната или другата голема партија: СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. А просторот и натаму е празен и претпоставувам предизвик за секој што решил да се занимава со политика. Дали е тоа предизвик и за вас?

 

– Во однос на ова прашање, доаѓаме до втората системска „грешка“, која се состои во менталитетот на народот, кој секогаш очекува некој друг да му ја заврши работата и си гласа за „помалото зло“, наместо за доброто.

 

Во даден историски момент ДПМНЕ беше помалото зло, во друг момент – тоа беше СДСМ. А третите партии не успеваа од многу причини.

 

Прво, мислам дека поради тоа што беа претежно т.н. буржоаски партии, без јасна политичка идеологија за тоа кого, всушност, тие го претставуваат, кои функционираа како бироа за вработување, наместо за креирање јавни политики. А идеолошкото е суштинско ако сакате да се занимавате со јавната ствар! Оттука, ние имавме „пајтон“ или „човек-партии“ со одредени лични или бизнис-интереси, а не идеолошки профилирани партии на левицата, десницата или центарот.

 

Следно е тоа што големите партии располагаат со многу механизми за уништување на „третите опции“. На пример, еден метод е кооптирањето на нивните повидни членови со нудење јавни функции или привилегии. Друг метод е стимулирањето наводни фракции во помалите партии, со цел судско преземање на партијата и престорување во обичен приврзок на власта и сл. Сите овие добро разработени методи, во оваа транзиција, се покажаа како доста делотворни за разбивање на третите опции.

 

Во што е нашата кодна грешка кога власта се сфаќа како „бенефит за мене и оние околу мене во еден, два или три мандати, а за после нека му ја мислат другите“? Со некаков непишан меѓусебен договор за недопирливост на криминалот и корупцијата.

 

– Па нашата рак-рана е неказнувањето на корупцијата! Кога-тогаш, макар и на потешкиот начин, ние мора да сфатиме дека она што го нагризува општеството е корупцијата во сите нејзини форми (подмитување, протекционизам, клиентелизам, непотизам, кронизам, лобирање, рекетарство итн.). Сметам дека прашањето на ослободувањето на ова општество од стегите на лошите политики во секое поле лежи во радикалното расчистување со корупцијата. И тука немаме алтернатива!

 

Кога мислам на „радикално“, мислам на носење специјален закон за потеклото на имотот на сите јавни функционери од независноста до денес и за измени во Кривичниот законик според кои кривичните дела од областа на т.н. стопански/економски криминалитет воопшто нема да застаруваат и ќе може секогаш да се процесуираат; како и за спроведување на ратификуваните меѓународни конвенции за борба против мафијата и перењето пари, кои на органите на прогонот им даваат доволно моќ за спроведување на ефикасни истраги.

 

Додека не расчистиме со корупцијата во нашите редови, Републиката ќе биде во животнозагрозувачка состојба. Кога ќе тргнеме на тој пат, ќе се врати оптимизмот кај народот дека, сепак, можеме поинаку и дека, на крајот на краиштата, криминалот не треба да се исплаќа.

 

Еден друг алармантен проблем е тоа што властодршците не веруваат во капацитетот и способноста на сопствениот народ (сфатен како демос, а не како етнос), па затоа – на влијателни јавни функции ставаат некадарни луѓе, наместо да го применат цивилизираниот институт јавен конкурс, на којшто транспарентно ќе се избираат најдобрите. Бидејќи секојдневно комуницирам со студенти, мислам дека не грешам кога велам дека едно од најгорчливите чувства на бесперспективност кај младите луѓе го раѓаат наместените конкурси! Запомнете го ова. Тоа е капката што ја прелева чашата и ги тера да се иселуваат по светот, каде што нивното знаење ќе биде соодветно вреднувано и соодветно платено.

 

Според Вас, каде ја правиме грешката во преговорите за името?

 

– Па, најпросто, во самиот факт што уште преговараме!

 

Според соодветните резолуции на Обединетите нации, ние требаше да најдеме „брзо решение за разликите околу името“!? Но тоа не е сторено и по скоро три децении – па крајно време е да им се стави крај на преговорите.

 

По овој официјален чин, би почнала правна процедура за промена на привремената и навредлива референца ФИРОМ, со нашето уставно име – но преку Генералното собрание на ООН, каде што веќе го имаме потребното мнозинство. Но за овој потфат треба солидна и поткована дипломатија, а не третокласни чиновници, без никакво претходно искуство. На помош треба да се повика и правната наука, првенствено еминентни професори по меѓународно право, кои се интернационално признати и познати – па со еден таков тим, Македонија несомнено дека ќе успее да го добие она што природно ѝ следува. Никој надвор нема да нѐ цени доколку самите не почнеме да се цениме и да постапуваме достоинствено, а не инфериорно, во меѓународните односи.

 

И само уште еден факт, кој треба да се потенцира во оваа насока, е тоа што владиниот тим, покрај инфериорноста што ја манифестира, има и класичен „судир на интереси“ во преговорите со Грција. Не заборавете дека компанијата на еден вицепремиер е во фаза на купување од страна на грчка државна фирма! Ова во сериозни држави е недозволиво и скандалозно. Но, за жал, сега нема кој така жестоко да го критикува по социјалните мрежи – бидејќи сиот искомпромитиран невладин сектор сега работи за Владата.

 

Извор: МКД

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи