Претседателот Ѓорге Иванов повторно го предложи Димитар Богов за гувернер на Народна Банка на Македонија.
Со цел Македонија да добие гувернер кој најодговорно ќе ја извршува функцијата, како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, Иванов во изминатите два месеца извршил консултации со релевантни фактори од областа и се водел исклучиво од квалитетот и професионалноста на личноста која ја предлага. Иванов предлогот го доставил до Собранието.
Аргументи на Иванов се тоа што во релевантните извештаи се бележи дека Народна банка бележи одличен успех, особено во одржувањето на девизните резерви.
„Водењето на монетарната политика и севкупното централнобанкарското работење во нашата држава, во континуитет е позитивно оценувано во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија. Од 2015 година па наваму, Народната банка на Република Македонија, според оценките на ЕК бележи одличен напредок во остварувањето на своите цели и задачи, во согласност и со законодавството на ЕУ. Во тој контекст особено е нотирано постигнувањето и одржувањето на ценовната стабилност, одржувањето на девизните резерви, одржувањето на фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото и користењето на операциите на отворениот пазар и задолжителната резерва. Позитивно се оценува и усогласувањето на правната рамка на монетарната политика со легислативата на ЕУ, и активностите за обезбедување на функционална и институционална независност на централната банка“, се посочува во соопштението.
Богов е гувернер на НБ од 2011 година.