Работниците на ФЕНИ Индустри преку писмо во јавноста најавија дека бараат промена на Претседателот на синдикалната организација на овој комбинат.
Велат дека сега конечно се задоволни, дека редовно примаат плата, дека се задоволни од стечајната постапка и дека конечно за нив завршила, како што велат, двегодишната голгота.
„Постојано не надгледуваа и ни се закануваа ако зборуваме нешто против „Кунико“, а директорот избега од државата и ја продаде фирмата за едно евро. Постојано ни велеа дека ќе влезат пари и инвестиции, а тоа никогаш не го видовме. Потоа дојде „Енекорд“ а тие на заемот за да си купиме огревни дрва ни наплатуваа камата. Ни ветуваа плати и рестарт, а од тоа ништо“, се вели во писмото.
Сега велат дека се задоволни и дека ФЕНИ по долго време работи како што треба, се исплаќаат долговите, се нормализираат платите и дека се полнат залихите.
Воедно ја повикуваат ревизорот Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернашнал, која ја оспори стечајната постапка и влезе во дуел со вицепремиерот Кочо Анѓушев, да дојде, да ги посети 800-те вработени и самата да се увери.