Шекеринска во САД на средби со високи претставници од Белата куќа и Стејт Департментот

Facebook
Twitter
Email
Print

Реформските процеси во Македонија, за придонесот на земјата кон глобалната безбедност, стратешката определба на граѓаните, политичките партии и македонската Влада за полноправно членство во Северноатлантската алијанса, биле теми на средбите на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска со Вилијам Беркли, директор за европски прашања во Националниот совет за безбедност при Белата куќа и со Тина Кајданоу, помошник секретар за политички и воени работи во Стејт Департментот.

 

„Членството на Македонија во НАТО ќе значи успех не само за нашата држава, туку и за САД и НАТО, и ќе има големо влијание врз стабилноста и безбедноста во регионот“, потенцира министерката Шекеринска на средбите.

 

Вилијам Беркли истакна дека во Белата куќа внимателно се следи развојот на настаните во Македонија.

 

Тој потенцира дека Македонија има сојузници во Белата куќа, а способноста на Владата да испорача реформи и да ги решава проблемите со преговори ја нарече голем аргумент за успехот на земјата и потврди дека успехот на Македонија да добие покана за членство во НАТO ќе биде пример кој ќе влијае на развојот на настаните и во другите земји од регионот.

 

Кајданоу од Стејт Департментот потенцира дека промената во Македонија само една година по политичката криза е видлива.

 

„Македонија е важен партнер за САД и така ќе остане, и ја имате нашата поддршка во решавањето на предизвиците на патот кон НАТО, бидејќи членството на Македонија во НАТО е важно за стабилноста на целиот регион“, рече Кајданоу.

 

Министерката Шекеринска за време на својата официјална посета на САД имаше средби и со потпретседателката на Националниот демократски институт Шари Браун и регионалниот директор за централна и источна Европа, Роберт Бенјамин.

 

Со полагање на венец на Гробот на непознатиот војник на националните воени гробишта Арлингтон, министерката Шекеринска ја заврши официјалната посета на САД.

 

Во текот на официјалната посета на Шекеринска на САД било потврдено стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД.

 

Шекеринска во САД се сретна со американскиот колега Матис кој ја реафирмираше американската поддршка за членството на Македонија во НАТО, а имаше и средби со високи официјални претставници на Белата куќа, Стејт Департментот, Конгресот и Сенатот.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи