На денешен ден се навршуваат три години од терористичките напади во кумановското „Диво насеље“. Кобниот 9 мај, 2015 однесе осум животи на припадниците на безбедносните сили, а 37 беа ранети. Во јавноста сè уште има бројни дилеми и неодговорени прашања за мотивите и за нарачателите на овој терористички чин.
Во Диво Насеље животите ги изгубија: Жарко Кузмановски (р. 1981), од с. Брвеница, Тетово, Ненад Серафимовски (р. 1987), од с. Зубовце, Гостивар, Сашо Самојловски (р. 1982), од с. Брвеница, Тетово, Бобан Ивановиќ (р. 1968), од с. Стајковци, Скопје, Горан Илијевски (р. 1974), од Гостивар, Исамедин Османи (р. 1983), од с. Студеничани, Скопје, Љубиша Аранѓеловиќ (р. 1966), од Скопје и Горан Стојменовиќ (р. 1970), од Миладиновци, Скопје.
Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 14 припадници на вооружената група. Како што тогаш информираше МВР, криминално-терористичката група броела четириесетина членови. Во борбите со полицијата биле убиени 14 членови на групата, а се предале 28.
Како водачи на групата се посочуваат Мухамед Красниќи – командант Малишева, Мирсад Ндрецај (командант Нато), Сами Укшини – командант Соколи и други. Истата група беше посочена и дека претходно го извршила нападот на караулата Гошинце.
За настаните во Диво Насеље во февруари 2016 година почна судска постапка, со која беа опфатени 29 лица кои се товарат за сторени дела „терористичка организација” и „тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. И по три години, судскиот процес сè уште не е окончан.
Во ноември 2017 година Основен суд Скопје 1 ги изрече првостепените пресуди против обвинетите. Осуммина обвинети за тероризам и терористичка организација за настаните во кумановско Диво Насеље добија доживотни казни затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор. Адвокатите на осудените поднесоа жалби и пресудите се очекува да бидат разгледани од страна на повисокиот Апелационен суд.
ДУИ побара и меѓународна истрага за овој случај, односно меѓународна експертска група да го расчисти целиот случај кој сè уште ја бранува јавноста, а премиерот Заев потврди дека веќе се информирани претставниците на меѓународната заедница со цел да размислат како да се оформи меѓународната истрага.
Сепак до ден денес јавноста не доби одговор кој стои зад нападот во Куманово, кои се мотивите и нарачателите.