Во село Острилци денеска започна изградбата на мала хидроцентрала која ќе ја гради фирмата „Сателит Електрик“ од Куманово. На отпочнувањето со градба присуствуваа градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски и директорот на ЈП „Комуна“, Наум Илиески. За градоначалникот Христоски ова е уште еден доказ за посветеноста на локалната самоуправа кон развој на целата општина.
„Денес сме тука со претставници од фирмата Сателит Електрик од Куманово и започнуваме со уште еден проект важен за граѓаните на општина Крушево. Ова покажува дека сме фокусирани на еднаков развој на сите населени места и градот“, изјави Христоски.
Покрај хидроцентралата во село Острилци, ќе се тампонира патот во должина од еден километар, а дел од зелените површини ќе се уредат со разновидни летни содржини.