Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека е добро што се направиле исчекори во спорот за името, кои се огромни. Тој за време на посетата на Охрид изрази надеж дека за она што е останато за крај, а е многу сериозно и важно, ќе се изнајде решение кое ќе го почитува достоинството на двете земји и идентитетот на граѓаните.
Тој порача дека Владата останува максимално посветена на процесот, но очекува поддршка и од опозицијата.
„Јас сакам македонската опозиција и власта заедно да настапат по ова чувствително прашање. Верувам дека сите очекуваме да им гарантираме на граѓаните на РМ добра иднина, и во тоа име ќе смогнеме сили да изнајдеме мудро решение зад кое би застанале буквално сите лидери во државата“, рече Заев.
Што се однесува на забелешките на опозицијата дека не е информирана за преговорите со Грција, премиерот рече дека работа на опозицијата е да биде критички ориентирана.
„Неколку пати баравме лидерска средба, сакаме да брифираме, но тоа се избегнува. секоја можна прилика ја користам да информирам. Знаете дека на последните средби нема крупни исчекори од тоа што беше договорено претпоследниот пат во Виена. Знае опозицијата, а верувам знаат и граѓаните до каде сме стигнати“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање.