Џезаир Шаќири, алијас „командант Хоџа“ денеска изјави дека ја напушта функцијата надворешен соработник на премиерот Зоран Заев. Причината за неговата одлука, како што наведува во изјава за повеќе медиуми, било тоа што во јавноста се кренале преголеми реакции откако се дознало за неговиот ангажман како советник за борба против радикализмот во владата на Зоран Заев.
„Му најавив на премиерот дека се повлекувам од функцијата бидејки не сакам да му наштетам нему, а особено не на земјава кон патот на ЕУ и НАТО – тој е единствениот политичар кој ме разбра и тоа е уште една причина зошто не сакам да му пречам во неговата работа. Тоа што се повлекувам од функцијата не значи дека сега Танушевци и тој регион нема да бидат под контрола на државата“, рече Шаќири.
Заев денеска во Охрид рече дека контактирал со Џезаир Шакири – Хоџа, кој му кажал дека бара сам да се откаже од советничката позиција во премиерскиот кабинет.
Командант Хоџа учествуваше во конфликтот во 2001 година и е на американската црна листа, заедно со уште некои негови колеги поранешни команданти на ОНА. Беше амнестиран по конфликтот, а во 2007-ма повторно се одметна и објави независност и припојување на родното Танушевци кон Косово.