Амди Бајрам, БЕСА и ДПА се новите коалициони партнeри во Владата. На ДПА и е понуден министер без ресор задолжен за економија и странски инвестиции, како и заменик министер за транспорт и врски. Претседателот на ДПА Мендух Тачи денеска во Тетово, каде со одржува Центално собрание на партијата, изјави дека има „конкретна и коректна“ понуда од премиерот Заев за влез во Владата.
„Мислам дека нема да му биде тешко на Централното собрание да одлучи, поаѓајќи од конструктивното однесување на ДПА за време на политичката криза и конструктивниот пристап на новата Влада за реформи и особено за интеграциските процеси за кои имаме точни информации дека ќе имаат позитивен напредок и затоа се надевам дека Централното собрание ќе донесе позитивна одлука“, изјави Тачи.
Исто така Сојузот на Ромите на Амди Барјам станува дел од владината коалиција, предводена од СДСМ. Премиерот Зоран Заев рече дека нема да добие министерско место, туку ќе добие одговорност на други позиции. Тој не сакаше да открие која партија кое министерско место ќе го преземе.
„Досега имаме постигнато договор со Беса на Африм Гаши, со ДПА и со Сојузот на Ромите на Амди Бајрам кој што делуваше независно, но ги поддржуваше политиките на власта. Продолжувам и понатаму да разговарам и со други субјекти. Не би спомнувал имиња затоа што треба органите и телата на партиите да одлучуваат. Штом тоа ќе биде готово ќе биде соопштено од самите партии кои ги номинираат кандидатите“, рече Заев и додаде дека за него пред сè е најважно за какви личности се работи.
На новинарско прашање дали има доверба во лидерот на ДПА кој во бомбите се колнел дека ќе ѝ биде верен до гроб, Заев рече дека довербата е релативна работа. „Мендух Тачи нема да биде член на Владата“, рече Заев.
Набрзо се очекува во Владата и влез на БЕСА на Африм Гаши. Според неофицијални партиски извори, БЕСА на Гаши го добива Министерството за култура. Иако се шпекулира дека кандидат на партијата за министер е поранешниот пратеник и потпретседател Зекирија Ибраими, од БЕСА демантираат. Конечната одлука ќе биде донесена вечерва во партиските органи.