Од поголемо значење за Македонија е Самитот на Советот на Европа кој ќе се одржи на крајот на јуни, како и Самитот на Европската унија каде се очекуваат првите правно формални одлуки кои се однесуваат на Македонија, како што е евентуален датум за почеток на преговорите, изјави премиерот Зоран Заев, додавајќи дека Самитот во Софија не е последен рок.
Како што рече Заев постигнато било многу во преговорите, но она што останува не е помалку болно. Тој рече дека имал средба со претседателот Ѓорге Иванов пред тој да оди во Турција, но предмет на разговор бил предлогот за гувернер на НБРМ.
Со Мицкоски, рече, би имал средба кога тој и да побара.
„Слушав вчера дека од опозицијата бараат средба и веднаш се обидов да се слушнам со Мицкоски, веројатно поради зафатеност тој не можеше да ме исконтактира, но се договоривме денеска да се стапиме во контакт. Подготвен сум се што имам да споделам со опозицијата. Очекувам заедно да го решиме ова прашање затоа што е од огромен национален интерес. Ако тој побара ќе најдам време, ќе откажам и презакажам состаноци“, рече Заев.