Заев и Мицкоски ќе се соочат на телевизиски дуел, треба да се прецизираат времето и телевизијата

Facebook
Twitter
Email
Print

Премиерот Зоран Заев  го прифати предлогот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, наместо во Кабинет, тет а тет средбата да ја одржат пред јавноста, на телевизиски дуел. Дуелот би бил на некоја од националните телевизии, а треба да се одлучи за точната локација и време, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

 

„Основен принцип на работата на премиерот Заев е отвореноста и така функционира и Владата. Наназад со години бараме дуел, секогаш сме биле подготвени,  комуницираме двонасочно и како Влада секогаш сме отворени за дуели, дебати, новинарски прашања на прес-конференции, рече денеска Бошњаковски.

 

Како што напомена, последниот премиерски дуел во државава беше во 1998 година, односно пред цели 20 години.

 

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ синоќа по седницата на Централниот комитет на партијата, одговарајќи на новинарско прашање за средба со премиерот Заев, рече дека би сакал таа средба да биде тв соочување, наместо во кабинет.

 

„На седницата на Извршниот Комитет и  на седницата на Централниот Комитет ја разгледувавме актуелната политичка и економска ситуација во Република Македонија, ги разгледувавме актуелните теми што живот значат за граѓаните во Република Македонија. Оваа трета генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ учеше од првата генерација, растеше со втората генерација и како основна цел и задача си постави да ги порази остатоците од транзицијата, а тој пораз ќе почне со организирање на еден огромен народен протест што ќе се случи на 2 јуни, во 20 часот, пред Владата на Република Македонија“, изјави синоќа Мицкоски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи