По повод 623 години од смртта на Крали Марко, градот Прилеп по 12-ти пат ја организираше манифестацијата „Денови на Крали Марко“, која се одржа во дворот на најстарата црква во Прилеп, Свети Никола, која се наоѓа во населбата Варош. Учениците од основните училишта „Блаже Конески“ и „Рампо Левката“ одржаа историски, литературен и ликовен час. А исто така пред присутните се претстави и оркестарот од ООУ „Рампо Левката“.
„Манифестацијата денови на Крали Марко е едно од одбележувањата на градот Прилеп, кој што го прават посакувана туристичка и културна дестинација. Се одбележува по 12 пат, со различни активности. Денес програмата ја подготвија ученици од ООУ Блаже Конески и оркестарот од Рампо Лефката. Па преку еден историски час, литературен час и ликовен час учениците ќе го престават ликот и делото на Крали Марко, онака како што тие го доживуваат и го слушаат во приказните и бројните легенди кои го следат овој легендарен јунак“, истакна Снежана Ристеска, советник за култура.
„Чест ни е да учествуваме на манифестацијата денови на Марко Крале. ООУ Рампо Лефката за прв пат учествува на оваа манифестација со оркестарот. Благодариме на поканата и да уживаме во програмата“, рече Катерина Попоска, наставник по музика во ООУ „Рампо Левката“.
Децата подготвија и лични творби за оваа значајна историска личност.
„Јас напишав песна во негова чест :
„Песна Крал Марко
Крал Марко, Крал Марко возвишен во песни дамнешни и идни,
Крал Марко, Крал Марко во нашите песни те спомнуваме, на часови за тебе зборуваме
Твоите дела книги красат, твоите дела насекаде гласат
Храброста твоја ни дава сила да чекориме низ животот со големи крила
истакна, Ана Велеска, ученик.
„Крали Марко е познат јунак во Македонија, односно во Прилеп. Тој живеел на Марковите кули. Сега јас имам една песна, која ја напишав сама за Крали Марко :
Крали Марко јунак силен, заштитник на градот Прилеп
Марковите кули биле негов дом, погледот од таму е вистински сон
Крали Марко јунак снажен, во историјата е многу важен
Тој прескокнувал планини цели, но од својот коњ Шарац никогаш не сакал да се дели
рече Елена Илиоска, ученик.
Се рецитираа и читаа текстови поврзани со животот на Кралот Марко и неговото значење за нашата историја.
„Крали Марко е многу влијателна личност за нашиот град и воопшто за нас. Тој живеел во периодот од 14 век. Се борел против османлиската власт, иако тој нив им плаќал данок од неговото кралство, а тие му давале каква, таква слобода на неговиот народ“, вели Александар Лашкоски, ученик.
„Крали Марко бил крал на Варошкото кралство и тој бил еден од највлијателните од тоа време. Загинал на 17 мај 1395 година“, кажа Марко Пирганоски, ученик.
Инаку според историските податоци во 1371 година во Маричката битка, Крали Марко како еден од четирите најстари синови, веројатно и најспособен, го наследува неговиот татко Волкашин и како владетел, како крал на Прилепското и Македонско кралство, кое што било со центар во градот Прилеп, владее некаде до неговата смрт до 1395 година.
„Во 1385 година, со цел да го заштити христијанското население, да му помогне на христијанското население, бидејќи е познат како владетел кој релативно се труди да ги заштити христијаните од османлиските наезди, кои што се релативно силни во тоа време, влегува во вазални, односно потчинети односи со Османлиската империја, односно дел од данокот кој го зема од неговите поданици, голем дел од неговите приходи, им ги дава на Османлиите да обезбеди барем малку мир и стабилност за неговите поданици и се обврзува како османлиски вазал да војува за Османлиите. Како таков практично и загинува на битката кај Ровиње 17 мај 1395 година, против влашкиот војвода Мирче Стариот“, изјави Дејан Ангелески, наставниик по историја во ООУ „Блаже Конески“.
Токму поради својата заштитничка улога што ја имал кон народот тој во народните песни е опеан како човек со натприродни моќи кој со својот коњ Шарец скокал од планина на планина.
Нема историски документи за тоа каде се наоѓа и дали воопшто има гроб на Кралот Марко и дали тој имал оставено потомство.