ВМРО – ДПМНЕ бара итна лидерска средба за името, откако вчера попладнето во јавноста се појави неофицијална информација дека Република Илинденска Македонија, е новиот предлог од македонска страна во преговорите со Грција.
„ВМРО – ДПМНЕ нема никакви детали ниту информации за разговорите за името. Владата досега одбива лидерска средба во формат кој е единствено транспарентен за вакво едно прашање. Затоа ние ќе го реафирмираме ставот за итна лидерска средба. Не би коментирале предлози и идеи кои се неофицијални и хипотетички.Затоа со цел да се оттргнат сите сомнежи, и да се види што е тоа што го крие Заев и СДСМ бараме уште еднаш итна и неодложна лидерска средба каде освен носителите на преговарачкиот процес премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров, би учествувале лидерите на политичките партии и претседателот на државата“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.