ВИДЕО – Потомците на Илинденците против предлогот Република Илинденска Македонија

Од 2019 Крушево ќе биде новиот главен град на Македонија, а Владата од Скопје ќе се сели на Гумење. Овие шеги денови се најактуелни во крушевската чаршија, откако беше презентиран новиот предлог за името Република Илинденска Македонија. Елена Гули е внука на Питу Гули, ќерка на неговиот најмал син. Вели дека иако е горда на своето илинденско минато, сепак за неа Македонија не треба ништо да менува во своето име.

 

 

„Јас сум цел век за Република Македонија. Се бореа, изгинаа, по затвори, целата фамилија на Питу Гули изгинаа за Македонија. И сега воопшто не ми е пријатно со придавки додавки и илинденска и крушевска и се друго, не ми одговара ништо, ми одговара само Република Македонија“, вели Елена Гули, внука на Питу Гули.

 

На ист став е и правнукот на Никола Карев, Ставре Карев, кој на шега вели името треба да остане исто ама Владата можелo да се пресели во Крушево.

 

„Според нас најдобро е да биди Република Македонија бидејќи слушам и по медиумите сите документи треба да се сменат, а ние одиме само по умот на Грците, само нив да им ги исполниме желбите“, вели Ставре Карев, внук на Никола Карев.

 

И поголемиот дел од Крушевчани го делaт овој став.

 

„Само Македонија, ништо друго“, вели една крушевчанка.

 

„За мене ова е глупост, Илинденска Македонија не прифаќам“, вели друг крушевчанец.

 

„Доколку дојде до наметнато решение како Илинденска Македонија тогаш навистина треба Крушево да бидие главен град на Македонија“, вели трет Крушевчанец.

 

На 3 август 1903 година тука на местото наспроти Домот за култура била формирана првата Влада на Крушевската Република која траела 10 дена. 115 години потоа Крушевчани сега на смеа велат доколку Македонија добие предзнак Илинденска, Владата од „Илинденска“ во Скопје да се премести тука и да се изгради нова зграда за Владата на ова место.

 

Полиберални се младите кои велат дека Илинденска и не бил така лош предлог.

 

„Па не е лош предлогот Илинденска, најприфатлив е од сите предлози“, велат младите.

 

И поранешниот градоначалник Иван Андрески, не гледа проблем во Илинденска Македонија.

 

„На тие што не му е јасно нека го видат уставот на РМ во преамбулата пишува дека Македонија се заснова на традициите на Крушевската Република или АСНОМ“, изјави Иван Андрески, поранешен градоначалник на Крушево.

 

Но за младите најголем проблем не бил името, туку тоа што градот полека изумира.

 

„Најголем проблем е невработеноста, градот се иселува, нема вработување, остануваат само стари“, велат младите.

 

Илинденска или Крушевска, Горна или Долна, Севрна или Јужна, Крушевчани велат дека за тоа ќе одлучат други, а не тие, затоа што народот во последно време ретко кој воопшто и го прашувал за нешто.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи