Две години затвор за екс премиерот Никола Груевски, како обвинет во случајот Тенк, односно набавката на мерцедесот од 580.000 евра. Поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски пак е осуден на шест години и шест месеци.
Судијката Добрила Кацарска образложувајќи ја осудителната пресуда истакна дека Груевски побарал од Гордана Јанкулоска да спроведе јавна набавка за мерцедесот, а таа го потикнала Ѓоко Поповски да ја фаворизира компанијата Мак Ауто Стар.
Таа истакна и дека Груевски ги потценил и омаловажил граѓаните бидејќи зад нивни грб во тајност го набвавил мерцедесот по лична желба.
„Чест е да се биде носител на јавна функција, а особено премиер. Легитимитетот го добил од граѓаните па заради тоа требало да се грижи за нивните интереси. Но, наместо тоа тој ги омаловажил и потценил“, истакна судијката Кацарската.
Груевски денеска не дојде на изрекување на пресудата. Беше застапуван од неговите адвокати. Одбраната на Груевски изрази незадоволство од изречената пресуда и најави жалба до повисоките судови.