Општина Прилеп ќе пренамени 4.3 милиони денари за Центарот за деца со церебрална парализа

Советниците на Општина Прилеп на денешната 14-та седница ја усвоија измената на распоредот на средства од општинскиот буџет за 2018 година. Средства во висина од 4,3 милиони денари, преостанати после постигнатата пониска цена од спроведената тендерска постапка за изградба и реконструкција на локални патишта, се пренаменуваат за доопремување на Центарот за деца со церебрална парализа, информиираат од Општина Прилеп.

 

На барање на граѓаните, советниците изгласаа петнаесетина одлуки за легализација на бесправно изградени објекти на територијата на општина Прилеп. На овие барања, како што истакна претседателот на Совет, Миле Талевски, советниците секогаш ставаат акцент, со цел да им се излезе пресрет на граѓаните за легализација на нивните бесправно изградени објекти.

 

„Една од најзначајните одлуки, која денеска ја донесовме, беше Програмата за енергетска ефикасност во Општина Прилеп, во периодот од 2018 до 2020 година. Ова е прв ваков проект изработен од вработените во општинската администрација, со цел да се заштити животната средина и да се намалат средствата за потрошена енергија. На денешната седница беше донесена и Одлука за поставување спомен плоча во паркот на Основниот суд Прилеп, на загинатиот припадник на полициските сили во кумановското ‘Диво насеље’, Ненад Серафимовки, а донесовме и одобрение за локација за одржување на ‘Пивофест’. Исто така, Советот донесе Одлука за прифаќање на донација од приватни лица, односно донација на финансиски средства и едно моторно возило што ќе биде во служба на локалната самоуправа“, изјави Талевски.

 

Советниците им дадоа согласност на тримесечните извештаи за финансиското работење на ЈКП „Водовод и канализација“, ЈКП „Комуналец“ и ЈП за ПУП, како и на измените и дополнувањата на годишните планови за вработување во 2019 година на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ и ЈКП „Комуналец“.

 

На денешната 14-та седница, советниците ја усвоија и Програмата за измена и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови на територијата на општина Прилеп за 2018 година, а донесоа и решение за формирање Комисија за спроведување на постапка за делбен биланс на движен и недвижен имот помеѓу ЈП за ПУП – Прилеп и ЈСП „Прилеп“ – Прилеп.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи