Политичкиот врв го честита 23 мај – Националниот ден на Власите

Facebook
Twitter
Email
Print

Иако без своја држава, разделени во сите балкански држави, Власите го празнуваат 23 мај, Националниот ден на Власите, со кој се одбележува денот на нивното признавање како посебен милает во Отоманската империја. По тој повод политичкиот врв во земјава упати пораки со честитки Влашката заедница во Македонија.

 

Во честитката премиерот Заев истакнува дека Влашкиот народ како посебна етничка, јазична и културна заедница, има особено значење и место во заедништвото на народите на Република Македонија.

 

„Придонесот на Власите во историјата, во општествениот и културен развој и во градењето на современата Република Македонија е од непроценлива важност. Овој голем ден за влашката заедница и за Република Македонија, е составен дел од нашата културна и општествена матрица да ги почитуваме и негуваме традиционалните вредности и меѓусебното разбирање на сите етнички заедници, како влог во просперитетот на нашата држава и во заедничкиот концепт – Едно општество за сите“, се наведува во честитката.

 

Премиерот изразува желби за добро здравје, разбирање, мир и благосостојба на сите припадници на Влашкиот народ и на сите останати граѓани на Македонија.

 

Претседателот Ѓорге Иванов во својата честитка го потенцираше вековниот стремеж на Власите за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција.

 

„Дозволете ми, вам, на припадниците на влашката заедница во Република Македонија, да ви го честитам големиот празник. Овој значаен празник е потсетување на вековниот стремеж на Власите за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција. На овој ден, 23 Мај 1905 година, Османлиската Империја донесе ираде со кое само беше призната реалноста дека Власите се посебен народ со свој јазик, култура и идентитет. Со тоа се отвори ново поглавје во долгата и исклучително богата историја на влашкиот народ. Таа историја сведочи за едно нешто, а тоа е дека Власите и како народ, но и како поединци имале голема улога во борбата за слобода, државност и независност на Република Македонија. Честитајќи ви го денешниот празник, дозволете ми да го изразам своето уверување дека со заеднички напори ќе продолжиме да работиме во интерес на Република Македонија, градејќи подобра и посветла иднина за сите граѓани“, се вели во честитката на претседателот.

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во својата честитка до Власите во Република Македонија истакна дека заедничките вредности продолжуваат да градат единство, разбирање и хармонија во нашата земја.

 

„ Дваесет и трети мај е ден кога се афирмира влашката култура и традиција и нивното вековно постоење во нашата заедница. Влашката заедница е дел од богата култура и историја во Македонија, но и иднината која заеднички ја градиме. Власите низ историјата имаат огромен придонесе во градењето на заедничката држава и во историската борба за самостојна, независна и демократска Република Македонија. Овој ден нека биде симбол за нашите заеднички заложби за подобра и посветла иднина на нашата земја“, вели Мицкоски во честитката.

 

Денеска во Македонија е неработен ден за припадниците од влашката заедница.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи