Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, вицепремиерите во Владата Кочо Анѓушев и Бујар Османи, како и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска со воз на ЕУ од Скопје пристигнаа и ги разгледаа и железничките станици во Велес и Чашка, што се дел од проектите што се реконструирани со средства од ЕУ.
На железничката станица во Велес, гостите беа запознати со богатата и долга историја на железницата во Македонија, посебно железничката станица во Велес. Првиот воз влечен од парна локомотива на станицата во Велес пристигнал на 9 април 1873 година, точно пред 145 години, и ја поврзал Македонија со остатокот од светот.
Амбасадорот Самуел Жбогар изјави дека денеска дојде во Велес и Чашка да види некои од бројните инвестиции на ЕУ во Македонија, овојпат во транспортот.
„Станиците во Велес и Чашка се меѓу 10-те железнички станици во Македонија што се реконструирани со помош на инвестиции од ЕУ. Можам да информирам дека вкупната инвестиција за овие железнички станици е 5,4 милиони евра и оваа инвестиција на ЕУ не е само за железницата и самите возови, туку е за добробит на самите граѓани во вашата земја се’ со цел да се олесни патувањето на граѓаните како и на оние со посебни потреби да имаат подобар пристап до самите возови. ЕУ, освен во сферата на транспортот, има инвестирано во изградба на подобри автопатишта, се’ со цел да се направат автопатиштата побезбедни за патување на граѓаните на вашата земја, а истовремено да се развие економскиот развој на земјата со цел да се забрза транспортот за бизнис и транспортот на патниците на патиштата во земјата“, информира евроамбасадорот Жбогар.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар информира дека досега во Македонија има инвестирано блиску 250 милиони евра во транспортот.
„Добрата вест е дека ние ќе продожиме да инвестираме во сферата на транспортот и во иднина, а што ќе значи дека ќе има слични вакви проекти во иднина и тоа во подобрување на железницата и во подобрување на транспортот. Сето тоа од причини што гледаме дека железницата се’ повеќе станува средство за транспорт за иднината, затоа што тоа е најчистиот и најисплатлив начин на транспорт“, потенцира Жбогар.