ЛАГ Агро Лидер започна со спроведување на иницијативата Развој на ланецот на добавувачи во млечниот сектор во пелагонискиот Регион, како дел од проектот “Развој на деловниот екосистем”имплементиран од Palladium International, а финасиран од УСАИД од компонентата Коорпоративна општествена одговорност. Главна цел на проектот е зголемување на профит, економски раст на компаниите, како и генерирање на нови работни места.
„Со овој проект ќе овозможиме осовременување на фарма, модернизација со опрема, а воедно ќе градиме социјална кохезија, односно мотивација фармерите да се здружат и заеднички да соработуваат, со цел заеднички бенефити. Преку купување на три опреми, машини, би се вклучиле околу 10 фарми, а бенефит би имале околу 50 фарми на територијата на Прилеп, Долнени, Крушево, Кривогаштани, а воедно ќе се опфати и дел од територијата на Општина Битола. Значи со осовременувањето и обуките кои што ќе се спроведат на самите фарми кои што се вклучени во овој проект, ќе се овозможи да се внесат добри практики, да се зголеми продуктивноста на самата фарма, а воедно да се обезбедат и вработувања со обучен персонал на фармата“, рече Марина Тошеска, ЛАГ Агро Лидер.
Со проектот планирано е да се набават ролобалирачка, современа ТМР машина за проток на балансирана исхрана на фармата, а ќе се набавело и бокс за режење на папци, бидејќи фармерите се соочуваат со недостиг на добра опрема и недостиг на обучен персонал, а здравјето на животните влијае врз нивната продуктивност.
Со 50% при набавката на оваа опрема учествува УСАИД, а во останатиот дел учествуваат еден поголем фармер, млекара и фабрика за производство на сточна храна. Опремата ќе биде во сопственост на 3 млечни фарми кои генерираат вработувања, а ќе се користи од повеќе фарми кои се евклучени во оваа иницијатива и ќе биде под надзор на ЛАГ Агро Лидер.
„Овој проект е всушност пилот проект, кој што го спроведува ЛАГ Агро Лидер, а се спроведува на териториите на општините Кривогаштани и Крушево и околните населени места. Како што кажавме е пилот проект и во зависност од резултатите кои што ќе ги покаже и ќе бидат мерливи според веќе дадените индикатори и показатели, дали ќе има дополнително продолжување на останатите територии или не, ќе се знае согласно индикаторите по завршувањето на имплементацијата на проектот“, истакна Даниела Цветаноска, ЛАГ Агро Лидер.
Опремата се очекува да пристигне кон средината на јуни.