Во Собранието на Република Македонија се уште функционираат истите пратенички групи. Промени нема, но после петок, кога е закажана седница за избор на нови членови на Владата, треба да се очекуваат имајќи предид дека крилото на Беса предводено од Африм Гаши и тројца пратеници стануваат дел од владејачкото мнозинство.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека официјално до денеска не добил писмо дека пратеничката група е поделена. Од петок тие, според него, хипотетички нема да можат да функционираат како пратеничка група. Доколку сепак решат да останат во една пратеничка група тогаш, посочува Џафери, ќе биде дискутабилно нивното функционирање.
Пратеникот на Беса, Фадил Зендели од крилото на Билал Касами, рече дека тој и неговата колешка пратеничка веќе се изјасниле дека во Собранието ќе дејствуваат како опозиција.
„Во однос на парламентарната група технички и формално се уште ние двајца пратеници сме дел од стуктурите. Тројцата наши колеги сигурно индивидуално ќе се изјаснат за својата позиција“, рече Зендели посочувајќи дека тие треба да се изјаснат за нивното политичко дејствување.
Во Собранието како опозиција по седницата в петок ќе дејствуваат Коалицијата предлодена од ВМРО-ДПМНЕ, која исто така ја напуштија неколку пратеници, двајцата пратеници од Беса и двајца од Алијансата на Албанците.