Поминаа 110 години од најсилната експлозија забележана во историјата, а еден век подоцна уште нема конкретни одговори за тоа што точно се случило.
На 30 јуни, 1908 година силна експлозија одекна во шума во Сибир. Огнената топка со големина од 50 до 100 метри уништи околу 2.000 квадратни километри тајга и срамни со земја околу 80 милиони стебла. Записи од експлозијата сведочат дека глетката била нереална, а целото небо „горело“.
Локалните жители ја почувствувале топлината од експлозијата, а некои се срушиле на земја од силниот удар. За среќа, подрачјето во кое се случила експлозијата е главно ненаселено, така што нема официјални службени податоци за човечки жртви. Но, настрадале многу животни, од кои стотина елени на кои руската тајга им е природна околина.
Големата сибирска експлозија остана забележана како најсилната во историјата – произвела околу 1.000 пати повеќе енергија од атомската бомба фрлена на Хирошима. За нејзината јачина говори и податокот дека сеизмичките потреси биле почувствувани дури до Велика Британија.
Сто години подоцна, уште не е откриена причината за оваа огромна експлозија, а многумина веруваат дека станува збор за астероид или комета.
Овој дел од Сибир е изолиран, со сурови климатски услови. Има долги и ладни зими и кратки лета кога тлото се претвора во каливо мочуриште. Поради тоа, пристапот е многу тежок па било многу тешко да се провери и да се открие што ја предизвикало експлозијата.
Освен тоа, руските власти тогаш имале поголеми проблеми за да се занимаваат со задоволување на љубопитноста на научниците. Во земјата тогаш растеле политичките немири, а Првата светска војна и револуцијата што следеле потоа биле раздалечени во временски интервал од само неколку години, така што експлозијата отишла во втор план.
Дури во 1927 година тим руски научници под водство на Леонид Кулик отпатувале во ова подрачје. Кога стигнале таму, штетата уште била очигледна, иако поминале повеќе од 20 години.
Неговата теорија била дека метеор експлодирал во атмосферата. Меѓутоа, го збунувало тоа што немало ударен кратер или какви било други остатоци од метеорот. За да го објасни ова, тој сметал дека мочуришното тло е премногу меко за да ги зачува трагите од ударот, па остатоците се некаде длабоко под земја.
Руски научници подоцна тврдеа дека станува збор за комета, а не метеор. Експедиција од 1958 година откри ситни остатоци од силикон и магнетит на тлото. Понатамошните анализи покажаа висок процент на никел, што е позната карактеристика на метеоритски камен.
„Метеорското објаснување“ сепак делувало како точно и К. Флоренски, автор на извештајот од 1963 година бил подготвен конечно да стави крај на разните фантастични теории за експлозијата.
Тим научници под водство на Виктор К. од Националната академија за наука во Украина, во 2013 година ги анализираше микроскопските примероци земени од местото на експлозијата во 1978 година. Делчињата биле од метеоритско потекло. Клучно за оваа анализа е што проучуваните примероци биле извадени од слој на земјата од 1908 година.