Анѓушев: Никој со сигурност не може да каже дали струјата во иднина ќе биде поевтина

Facebook
Twitter
Email
Print

Никој со сигурност не може да каже дали цената на електричната енергија во иднина ќе биде пониска. Тоа е како прашањето да го поставите дали цената на нафтата или на некој метал ќе биде пониска, порача денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев.

 

Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање на завршната работилница за Техничката поддршка на Република Македонија институционална поставеност на организираниот „ден однапред“ пазар за електрична енергија, а во врска со цените на струјата согласно новиот Закон за енергетика.

 

„Сепак можам да гарантирам дека со новиот Закон, цената на електричната енергија за граѓаните секогаш ќе биде поповолна во споредба со тоа што го нудеше претходниот“, рече Анѓушев.

 

Тој појасни дека ова се овозможува со механизмот на универзален снабдувач, што се воведува со Законот.

 

Согласно новото законско решение треба да биде објавен оглас за универзален снабдувач во рок од 90 дена од стапување во сила на Законот. Тие 90 дена веќе течат, со оглед на тоа што законот неодамна беше донесен, а универзалниот снабдувач ќе се избира на тендер и во тој избор повеќе нема да има признавање на непродуктивни трошоци од страна на Регулаторната комисија.

 

„Компаниите ќе мораат своите трошоци да ги вклучат на некаква маргина над набавената електрична енергија и тука ќе биде нивната конкуретност. Законот стимулира пазарно ориентирани компании, што на конкуретна основа ќе бидат стимулирани да ги намалуваат непродуктивните трошоци“, појасни Анѓушев.

 

Тој додаде дека универзалниот снабдувач гарантира две работи. Прво граѓаните се заштитени. Енергетската заедница се согласила во преодните одредби од Законот да стои дека првите години, почнувајќи од првата година на имплементација, 80 отсто од произведената електрична енергија од домашното производство од владината ЕЛЕМ да оди до граѓаните преку универзалниот снабдувач, со што граѓаните на подолг рок ќе бидат заштитени од ценовните шокови на пазарот.

 

Претходниот закон нудеше заштита до 2020 година, а новиот нуди заштита во следните седум-осум години, во кои континуирано ќе паѓа процентот на произведена електрична енергија од ЕЛЕМ, кој ќе оди кон домаќинствата.

 

Второ, ќе има голем бенефит за компаниите на РМ и за сите кои сакаат да бидат на слободниот пазар, бидејќи средните компании денес плаќаат 140 до 150 евра по мегават час, а нивната конкуренција од Европа плаќа 50 до 60 евра мегават часови. Ова им овозможува тие да се борат на светиот пазар. Законот овозможува Македонија да биде дел од европското семејство и во енергетска смисла, рече Анѓушев.

 

Тој нагласи дека во моментов во земјата за тргување со електрична енергија се лиценцирани над 50 компании, додека за снабдување над десет.

 

Анѓушев додаде дека граѓаните ќе можат да го изберат својот снабдувач, откако ќе се избере универзалниот.

 

„Во моментот кога ќе биде избран универзалниот снабдувач ќе се создадат услови и граѓаните да можат да бидат на слободниот пазар“, појасни вицепремиерот задолжен за економски прашања.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи