Во Прилеп попладнево се одржа роденденската 48-ма по ред Критична маса, чија тема и мото беше „Да се преброиме колку сме, повелете на роденден“. Организатори беа граѓанската инициијатива ПрилепНаТочак. Инаку Критична маса е движење кое се одржува во над 300 градови во светот, а веќе 4-та година по ред секоја последна среда во месецот и во Прилеп. Тоа е едно неформално здружување на луѓе што го користат велосипедот како превозно средство и целта на возењето на Критичната маса е да се зголеми свеста за велосипедот, да се мотивираат повеќе луѓе да го користат велосипедот секојдневно како превозно средство, но исто така целта е и да се мотивираат одговорните лица, општинските власти, кои што се задолжени за инфраструктрура и сообраќај да обезбедат подобри услови за функционирањето на велосипедистите.
„ Велосипедската култура во Прилеп, од почетокот на ПрилепНаТочак па до сега, можеме да кажеме дека има мало придвижување. Велосипедистите почнуваат да бидат забележувани од страна на другите учесници во сообраќајот, автомобилите, автобусите, управувачите на веспи и моторчиња, така да мислам дека ако бидеме малку поупорни би можеле да постигнеме многу повеќе. Но сепак за тоа треба да се исполнат и некои други услови, кои понатаму, во иднина се надеваме дека ќе биде приоритет. Во моментов најмногу што недостасува е вело-инфраструктура, но пред сè мораме да нагласиме дека јавниот простор, кој што е на сите граѓани, мора да биде слободен за таа вело-култура да може слободно да се развива. Сè додека имаме окупиран јавен простор не можеме да го постигнеме сето тоа“, кажа Даме Димески, организатотр на настанот.
Не само кај нас туку велосипедистите се соочуваат со повеќе проблеми и насекаде низ светот, пред сè со недоволна инфраструктура, недоволни, необележани, и неозначени велосипедски патеки. Од ПрилепНаТочак велат дека Прилеп скоро и да нема никакви велосипедски патеки.
„И покрај тоа што Прилеп има доста широки тротоари, барем во оние поглавни сообраќајници, сепак проблемот со паркираните автомобили продолжува и понатаму. Тука виновник не ги наоѓаме само автомобилите, бидејќи не се означени велосипедските патеки никаде. Не се почитува просторот на пешаците и велосипедистите, едноставно е окупирано. Приморани сме да се симнуваме на коловоз, не само велосипедистите, туку и оние кои користат инвалидски колички, исто така мајките со мали деца со колички, така да проблемот е многу поголем и не ги тангира само велосипедистите. Иницијативата како иницијатива се надеваме дека конечно ќе вроди со плод институцонално. Ќе се превземат некои чекори во поглед на решавање на некои долгогодишни проблеми, така да идните чекори и идната цел ни е тоа, конретно да бидат решени одредени проблеми во Прилеп во поглед на подобрувањето на функционирањето на велосипедот во Прилеп“, истакна Борче Колароски, организатор на настанот.
Учесниците на Критична маса бараат властите под итно властите да го слушнат нивниот глас и да започнат со изградба на потребната велосипедска инфраструктура во Прилеп, нешто што за жал неможе да се реши за брзо време.
„Критичнава маса ја возиме од самиот почеток, од пред 4 години, месец мај. Ја возиме со цел да ги подобриме условиве во нашиот град, затоа што има луѓе што егзистираат на точак 365 дена во годината и навистина ни треба промена во тој поглед. И ќе бидеме упорни и сакаме да бидеме упорни и сакаме да ни излезат во пресрет. Пораката е властите моментално да не слушнат, време е да не слушнат и да ни излезат во пресрет. Порака е што помасовна и помасовна да биде секоја наредна критична и секоја наредна вело-собиранка. Немаме обележана велосипедска инфраструктура во Прилеп. Имаме обележана една патека пред зграда Македонија од мизерни 100 метри, што пешаците мислат дека е за нив и ние мора возиме слалом низ тротоари, низ улици итн. и не се чувствуваме воопшто безбедно“, вели Александар Талески, учесник на манифестацијата.
„ Учествувам на Критична маса на возење на точаци во Прилеп и популаризирање на точакот за движење низ градската средина. Сите масовно да ја прифатат оваа идеја со точакот и да се бориме за услови за движење во градот, низ улиците, со правење на велосипедски патеки“, истакна Драган Димески, учесник на манифестацијата.
На оваа роденденска Критична маса учествуваше и амбасадорот на Холандија во Македонија Вилем Ваутер Пломп, кој рече дека се повеќе градови во Македонија ја развиваат вело културата.
„ Многу се радувам дека денес сум во Прилеп. Тука сме да учествуваме на манифестацијата НаТочак. Многу ми е драго што се повеќе градови во Македонија стануваат вистински велосипедски градови, а тоа го гледам и во Прилеп. Денеска во Скопје се вози 73. Критична маса, го слават шестиот роденден. Во Прилеп го славиме четвртиот роденде на ПрилепНаТочак и тоа е одличен показател за тоа како граѓански иницијативи, граѓански движења, заедно со општините, со градоначалникот кој и самиот е велосипедист, можат да направат одлични промени во градовите“, изјави Вилем Ваутер Пломп, амбасадор на Холандија во Македонија.
Од Општина Прилеп истакнаа дека во иднина ќе се заложат за изградба на велосипедски патеки во градот , а на учесниците на манифестацијата им подарија по една заштитна кацига.
„Сакам да кажам дека се грижиме и за безбедноста на овие млади велосипедисти и во таа пригода сакам да им поклонам по една кацига за возење велосипед. Сите млади денес што се дојдени на оваа манифестација ќе добијат по една ваква заштитна кацига, што треба да ја носи секој велосипедист. Оваа е како една иницијатива, како еден поттиг, посебно за младите велосипедисти да ги користат овие кациги за да бидат заштитени. Мислам дека тоа важи за сите, не само за младите. Денес тука гледам не само млади, туку и повозрасни, од сите генерации и тоа е за почит. Јас уште еднаш сакам да им ја честитам годишнината и ги поддржувам во сите настапи што ги прават овие млади велосипедисти и мислам дека во иднина ќе направиме сè заедно за да направиме што е можно повеќе велосипедски патеки низ градот. Тоа го ветувам, го кажувам секогаш и првата прилика кога ќе се прави било која улица низ градот, доколку постои можност ќе има простор за велосипедска патека“, потенцираше Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
Критичната маса заврши со забава на која учеснииците ги забавуваа Д Хоундс и Децата со наочарите.