Со 69 гласа „за“, еден воздржан, ниеден против и без присуство на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Собранието денеска по втор пат го ратификуваше Договорот со Грција.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров точка по точка повторно ги објаснуваше аргументите зошто договорот со Грција треба да биде ратификуван од пратениците. За причините на претседателот Ѓорге Иванов за непотпишување на указот за прогласување на законот, Димитров рече дека наводите дека се бришат македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се точни, туку напротив, со договорот тие се зајакнуваат.
„Нема веќе да има погрдни имиња, додавки, фиром и слично. Си останува и ќе биде македонски јазик и македонски идентитет“, рече Димитров.
До повторното гласање на законот за ратификација дојде откако претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша указот по првото гласање пред две недели.