Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ доцна синоќа го разреши Петар Богојески од функцијата заменик генерален секретар на партијата. Богојески е дел од иницијаторите за реформи во ВМРО ДПМНЕ, а често ги критикуваше политиките на сегашното и претходното лидерство на партијата.
Тој и натаму останува да биде член на ВМРО-ДПМНЕ, а како што се наведува од партијата Богојески е сменет поради „непрофесионално вршење на должноста, несовесно извршување на задолженијата и повреда на партиските начела“.
Денес на Фејсбук се огласи и самиот Богојески, кој истакна дека го поразиле Груевски, но не и груевизмот во партијата.
„Едноставно непомирливи се нашите два концепти, едниот за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО ДПМНЕ. Невозможно е двата да функционираат заедно, а при тоа да се унапреди работењето на Партијата на принципиелни основи. ВМРО ДПМНЕ во овој момент е целосно на погрешна страна од историјата, тргна во целосно погрешен правец. Се надевам за кратко ќе биде тоа констатирано и ќе биде земен друг тек. Ќе повторам, го поразивме Груевски, но не и груевизмот во нас“, напиша Богојески.