Филмот на Јани Бојаџи „Ругање со Христос” ќе може слободно да се прикажува во кино салите во Република Македонија, откако Државниот правобранител Фехми Стафа денеска го повлече предлогот со кој од Основниот суд Скопје 2 бараше времено да гo забрани идното прикажување поради говор на омраза. Судијката Сузана Дончевска го прифати барањето на Небојша Бојановиќ од Арт Синема како органзиатор на фестивалот Коненова, доставено преку адвокатот Влатко Китановски, за повлекување на времената забрана за прикажување на филмот.
Рочиштето се одржа на барање на Министерството за култура, кое достави барање до државниот правобранител Фехми Стафа. Но на рочиштето немаше преставник од Министерството за култура и од државниот правобранител. Присуствуваше само претставник од Хелсиншкиот комитет.
Филмот на Бојаџи ја бранува јавноста два месеци по изјавата на министерот за култура Адеми и директорот на Агенцијата за филм, кои без да го гледаат, од трејлерот и сценографиајта, констатираа дека е скандалозен и дека ги повредува чуствата на Албанците, затоа што војниците на ОНА се претставени како насилници силувачи.
Но во конечната верзија на филмот таква сцена на силување нема. Многумина по макеоднската премиера сметаат дека попусто се дала политичка конотација на филмот и се направила драма без потреба.
Македонската премиера на филмот беше во петокот во кино „Милениум“, а наредниот ден режисерот Бојаџи на прес-конференција ја повика Владата да го остави филмот да заработува и да се прикажува низ Македонија. Филмот на Бојаџи вечерва ќе се прикажува во Штип, а до крајот на месецов и во Прилеп.
Инаку филмот освои награда на фестивалот во Монтреал, каде што беше светската премиера. Станува збор за нискобуџетен филм, снимен со 280.000 евра, осум недели во Македонија, Грција и Франција и има интернационална екипа.