Разликите меѓу мажите и жените во остануваат на многу високо ниво во области како вработувањето, економијата, политичкото учество. Во општините не постои добар пристап до услуги и услови за жените како што се услугите од здравствената заштита, пристапот до градинки, институции за згрижување возрасни лица, а нивото на вложувањата во програмите кои се однесуваат на родовата еднаквост останува на прилично ниско ниво, покажуваат податоците од Индексот на родова еднаквост на општините во Република Македонија.
Претседателката на Реактор-Истражување во акција, Марија Башевска, појасни дека индексот на родова еднаквост во општините е показател за состојбите на мажите и жените во општините, оти ги опфаќа сите сфери на живеење, а ги мери и достапноста и пристапот до услуги во општините и начинот на кој се програмираат и реализираат родово одговорните програми.
„Иако постојат општини каде има одлични програми и се издвојуваат буџетски средства за унапредување на положбата на жените во општините, сепак, тоа се повеќе исклучоци отколку правила“, вели Башевска.
Таа се надева дека овој индекс ќе биде искористен од самите општини и институциите, дека од него ќе се информираат граѓаните за состојбите во оваа сфера и оти ќе послужи како добра основа да се детектираат областите каде е потребно подобрување на политиките и да се креираат програми во општините кои навистина ќе придонесат за унапредување на жените.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска смета дека сите политики влијаат на родовата еднаквост. Ова премерување, според неа, ги потврдува заложбите на Владата и Министерството дека политиката на изградба на градинки во Македонија е политика која ќе даде ефект и во вклучувањето на жените на пазарот на труд.
„Индексот покажува дека во општини каде има градинки односот на вработени жени и мажи е седум спрема десет, а онаму каде нема градинки четири спрема десет. Затоа ќе се продолжи со отворање градинки во руралните општини и онаму каде досега немало. Она што е исто така важно, е дека со реформата за социјална заштита се предвидува развој на социјални услуги, грижа за лица со попреченост и грижа за старите лица кои доминантно традиционално припаѓаат на жените во семејството и тие не излегуваат на пазар на труд“, рече Царовска.
Таа потенцира дека на ваков начин државата создава политики за повеќе жени да се вклучат на пазарот на труд, со што се зголемува економскиот раст и развој на македонската држава. Само со вклучувањето на сите капацитети, нагласува Царовска, Македонија може да се извлече од состојбата во која се наоѓаше изминатите години.
Според неа, досега се веќе отворени 11 градинки, а до крајот на годинава уште 13. Дополнително, додаде таа, одобрени се 1.025 нови вработувања за да се опфатат повеќе деца во градинките и да се растоварат воспитувачките и негувателките, имаше зголемување на плати од пет отсто, а се креира и нов систем на развој. Сето ова, потенцира министерката, е во насока да се зголеми и квалитетот со цел освен тоа што мајките ќе можат да се вклучат на пазарот на труд, децата да добијат квалитетен и еднаков старт.
Според податоците од Индексот, општините Центар и Вевчани имаат најдобар пристап до градинки, а најлош Пласница, Арачиново и Студеничани.
Со Индексот се опфатени 81 општина и нивната работа во три главни области: родов јаз, соодветни услови и родово одговорна општина.