Милчин за „Слободен печат“: Аждерот падна, аждеризмот преживеа

Facebook
Twitter
Email
Print

Драмскиот режисер, професор по актерство и долгогодишен директор на Институтот Отворено општество, Владимир Милчин, е своевидна икона на борбата на македонските граѓани за соборување на режимот на претходната власт, која длабоко забразди во автократија, популизам и криминал. Иако формално се пензионира од своите функции и работни обврски, 72-годишниот Милчин не се пасивизира. Напротив, на изненадување на многумина продолжи со жестоката критична опсервација на македонската општествена и политичка сцена, не штедејќи ги новите власти и ловејќи ги сите нивни грешки, маани и пропусти. Освен тоа, не го запостави и театарот – токму деновиве привршуваат последните подготовки за неговата нова премиера. Со Милчин разговараме на повеќе актуелни теми.

 

Во Битола следната недела треба премиерно да биде прикажана претставата „Аждерот“, во Ваша режија, според сценарио на рускиот дисидент Евгениј Шварц. Сижето е многу симптоматично за нашиот политички момент – змејот, кој ја олицетворува тоталитарната држава, е убиен од витезот Ланселот, но тоа не значи дека сето зло што тој го претставува, престанува да постои. Напротив. Дали изборот токму на овој текст е некаква порака, некаква Ваша оценка за сегашниот политички момент?

 

„Речиси без исклучок, сите мои претстави говорат за најчесто успешните обиди на моќниците, политичарите и политикантите да ги ограничат слободите, правата и достоинството на граѓаните и да ги сведат на покорни поданици. „Аждерот“ не е исклучок. Својата сказна за возрасни, Евгениј Шварц почнал да ја пишува откако бил потпишан пактот меѓу Сталиновиот Советски Сојуз и Хитлеровиот Трет Рајх, а ја завршил во 1943 година. Московската праизведба во 1944 година била забранета веднаш по премиерата. Да беше Шварц денес жив, верувам дека ќе се ужаснеше од тоа колку светот во втората деценија од 21 век прилега на оној од триесеттите години на 20 век. Понекогаш помислувам и пот ме облева од јанѕата дека овој свет нема перспектива. Аждерите се множат побрзо од рицарите. А кога на некој Ланселот ќе му појде од рака да убие аждер, аждерот ќе продолжи да живее во главите на послушниците и лакеите.“

 

Шокантно е што уште се шокирам!

 

Со секое ново рочиште на судските случаи од СЈО излегуваат нови и сè погрозни детали за тоа како се местеле изборите, како се прислушувало по список, како паѓале закани до секој што „нема да собере потписи“… Какви чувства тоа Ви предизвикува? Дали Ви е очекувано, или и натаму Ве шокира?

 

„Најшокантно е токму тоа дека продолжува да ме шокира, иако знам сè за методите на аждеризмот на Груевски и неговата клика, за нивната бескрупулозност, немилосрдност, неморалност, корумпираност и алчност од кои ми се гади. Ме шокира опфатот на нивната мрачна операција (спроведена рака под рака со Ахмети и неговите пајташи!) со која ја заробија не само државата, туку и душите и умовите на мнозинството граѓани. Загадувањето е толку длабоко и широко што перспективите за европеизирање на Македонија се замаглени и неизвесни. За да не бидам погрешно разбран, терминот европеизирање не го поистоветувам со зачленување во ЕУ зашто во ЕУ се и Орбановата Унгарија и Полска на Качински и Италија на новиот Дуче и Франција во која Ле Пен е најпопуларниот политичар… Не знам каква ЕУ ќе нè пречека во 2025 година.“

 

Вие бевте на самиот фронт во борбата против македонскиот тоталитарен змеј, овде наречен „груевизам“, а и по неговиот формален пад, продолживте со жестока критика на сè што Ви асоцираше на неговиот опстанок, во разни форми. Дали се чувствувате изневерени по Вашата жестока борба за повисоки идеали, стандарди, демократија, правна држава? Дали го убивме „Аждерот или само бевме наивни?

 

„Аждерот падна, аждеризмот преживеа. Тој има повеќе од една глава. Неговата жилавост е фрапантна, ужаснува леснотијата со која ги купува луѓето и ги обезличува. „Ако му го пресечеш телото на половина, човекот ќе цркне. А ако му ја пресечеш душата – ќе стане послушен и толку. Души без раце, души без нозе, глувонеми души, ситни души, лигави души, проколнати души, запуштени души, продадени души, изгорени души, мртви души“, вели Шварцовиот Аждер. Да, бевме и наивни. Изумивме дека револуциите најчесто завршувале со реставрација на стариот режим и дека дел од револуционерите завршуваат во фотелјите на новиот режим и учествуваат, активно или пасивно, во погребувањето на идеалите за кои се бореле. Дали се чувствувам изневерен? Не, се чувствувам изигран. И не сум единствениот, но тоа не е никаква утеха. Напротив. Загрижувачка е леснотијата со која беа изгазени надежите на мнозина што се бореа за уривање на аждеризмот на Груевски. Тој аждеризам е сè уште жив, не само во ВМРО-ДПМНЕ, туку и во СДСМ, сега засилен со пребеганите конвертити и клиентелисти. Не верувам дека во догледно време одново ќе се акумулира енергија со која ќе се бара правда и пристоен живот. Живееме во време на граѓанска апатија. Отворен е патот за триумфот на омразата.“

 

Што главно ѝзабележувате на новата власт? Што е тоа што таа не успева да го надмине, во однос на претходната? А што е тоа што сметате дека е исчекор во позитивна насока?

 

„Власта опива. Се покажа дека и новата власт не е имуна на таа болест. Она што ме изненади беше тоа дека првите симптоми се покажаа набргу по преземањето на власта и со првите кадровски решенија што предизвикаа оправдан револт во јавноста. Скандалите се случуваат речиси секојдневно. На критиките, власта одговори арогантно. Денес, расчекорот меѓу ветувањата и остварувањата е огромен. Првата жртва беа денес заборавените реформски приоритети, вклучително и реформите во судството, обвинителството и безбедносните служби. Скопје 2014 сè уште стои нечепнато. Јавната администрација забрзано набабрува, а нејзината ефикасност опаѓа „благодарение“ на вдомувањето на партиските кадри и роднините на партиските функционери. Клиентелизам + непотизам + корупција = аждеризам. Македонија се празни, иселувањето достигнува димензии на егзодус. Не знам дали е пострашно отсуството на волја или отсуството на стручност кај оние што денес владеат со нас.“

 

Сите карти на еден договор

 

На оваа власт ѝ „признаваат“ дека прави големи исчекори во надворешната политика, пред сè решавајќи ги споровите со соседите. Забележавме дека во Вашите ставови бевте прилично „тврди“ додека траеја преговорите за името. Како го оценувате постигнатиот Договор со Грција?

 

„Јас јавно ги соопштив моите црвени линии: Република Македонија (Скопје), Македонци и македонски јазик (на македонски и на англиски јазик). Се плашев дека нашите преговарачи ќе направат премногу отстапки, кои ќе бидат тешки за голтање, а ќе бидат злоупотребени од Груевски и од неговите наследници. Успесите или „успесите“ во надворешната политика, како што милувате, ги одложија или поттурнаа во заборав бараните и ветените реформски зафати и тоа, убеден сум, се одрази на недоволната излезност на референдумот. Се плашев и од тоа дека распоредот на силите во владата и во парламентот е таков што премиерот Заев, кој ги стави сите карти на тој договор, ќе биде уценет од повеќе страни (тоа веќе се случува!) и ќе влегува во непринципиелни формални и неформални коалиции (и тоа се случува!). Се плашев и од неподготвеноста на нашиот преговарачки тим и неговата експертска поддршка, наспроти подготвеноста и поддршката што ја имаше другата страна. Се покажа дека моите стравувања беа оправдани.“

 

Македонија пристапува на сериозни промени на Уставот, во согласност со Преспанскиот договор, а процесот се одблокира со гласовите на осум опозициски пратеници, дел од нив сериозно компромитирани, дури и во судски постапки за тешки дела. Дали тука препознавате некој макијавелистички пазар, политичка трговија, и како тоа го прифаќате? Што е она што може да се „проголта“ во име на повисоки цели, а што не?

 

„Јас не го бојкотирав референдумот и гласав. Толку можев да проголтам како граѓанин на Република Македонија. Што се однесува до т.н. повисоки цели, неказнувањето на тежок криминал не го сметам за повисока цел, туку за уривање на уставниот поредок. А тоа е исто така тежок криминал, зар не?“

 

Дали сметате дека денес судството исто така може да биде дел од политичките пазарења, дека некои од осумтемина пребегнати пратеници поради тоа може да се надеваат на поблаги казни, и што тоа говори за политичките влијанија на судството по падот на режимот. Исто ли е или не е исто?

 

„Не е сосема исто, но не е ни доволно различно. Но, разликата во нијанси е далеку под очекуваното и ветеното и далеку е од владеењето на правото, а нездраво близу до владеењето на политиката во судството.“

 

Во ВМРО-ДПМНЕ се случува вистински земјотрес, исклучувања, оставки, нови именувања. Каде по Ваше мислење водат овие процеси, гледате ли иднина за оваа партија и каква? Колку тоа може да биде важно или опасно за Македонија како држава?

 

„Парламентарна демократија без силна опозиција е само сениште од демократија. Ние го имавме и го видовме тоа во периодот по 2006 година кога СДСМ беше само статист во Собранието, кога го напуштија не само коалициските партнери, туку и високите партиски функционери кои се отцепија и формираа свои партии што станаа партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Сакам да кажам дека она што се случува во ВМРО-ДПМНЕ е веќе видена приказна во малку пожестока варијанта. Бродот што тоне го напуштаат оние што го потопиле. Го напуштаат „за да си го спасат газот“, како што би рекол народот. Да се откупат себеси и да спасат барем дел од украдените пари. Тие што остануваат се замислуваат на местото на Груевски. Тоа ме потсетува на тепачката во КПСС по смртта на Сталин. Ме потсетува на наследникот Маљенков, кој потона во заборав. Беше згазен од Хрушчов, кој ја започна десталинизацијата на КПСС со својот говор на ХХ конгрес. Но, да скратам. ВМРО-ДПМНЕ може да го врати на голема врата само незадоволството на граѓаните од владеењето на СДСМ.“

 

Ништо не е дефинитивно

 

Во Собранието се имплементираат измените на Уставот. Како ги коментирате тие измени, има ли за Вас тука некои неочекувани измени, или такви што излегуваат од рамките на она што е потребно во овој момент? Како го доживувате фактот дека Рамковниот договор, документ што беше постигнат по воениот конфликт од 2001 година, ќе стане интегрален дел од Преамбулата на Уставот?

 

„Колку што знам, вклучувањето на Рамковниот договор во Преамбулата на Уставот не е услов за членство во НАТО и за отпочнување преговори со ЕУ. Тој потег можам да го протолкувам само како последица на условување од страна на Али Ахмети, кој веќе најави и барање за консензуален претседател, за што тој и неговите ќе се бореле „со фанатизам“. Што ли му значи тоа „со фанатизам“? Со калашникови? Рамковниот договор денес значи само тоа дека функционерите на ДУИ се заштитени мечки што добиваат плата и кога не се појавуваат на работа.“

 

Сметате ли дека патот кон ЕУ и НАТО е дефинитивно отворен или се можни нови замки? И дали ЕУ и НАТО дефинитивно ќе го убијат нашиот „Аждер“? Ќе нè биде ли, како држава и како народ?

 

„Ништо не е дефинитивно денес. Не само за нас, туку и за ЕУ, за НАТО, па дури и за човештвото. Национализмот повампирен во фашизам одново маршира среде Европа. Либералната демократија се порева под налетот на крајната десница, а левицата сè уште нема ефикасен одговор. Во Јемен се случува катастрофа со апокалиптични димензии во која гладот е инструмент за истребување. Нема гаранции дека грчкиот парламент ќе го ратификува Договорот од Преспа дури и доколку Собранието на Република Македонија го усвои новото име на државата заедно со другите амандмани. Не знам дали некој во владата и во СДСМ направил анализа за последиците на таквиот крај на неколкумесечната агонија? Не сум убеден дека ќе биде доволно едно пиши-бриши за да се санираат последиците од изнудената промена на името и Уставот на Република Македонија.“

 

Извор: Слободен Печат

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи