Затворот „ Скопје“ го известил кривичниот суд дека Груевски не се пријавил доброволно на издржување на казната. Судот се уште не бара асистенција од полицијата.
Судски доставувач, утрово, три пати се обидел да му го достави на пратеникот Никола Груевски решението со кое се одбива барањето за одложување на издржување на затворската казна. Доставувачот бил на адресата која е наведена во личната карта но никој не ја отворил вратата. Од Кривичниот суд информираат дека ќе се обидат да го достават решението до крајот на работното време и доколку повторно биде несупешно и не го пронајдат Груевски ќе побараат полициска асистенција. Според процедурата доколку и МВР не го пронајде ќе треба да се распише потреница.
Како можност да му се врачи решението останува судското рочиште за процесот „Титаник“, каде тој е првообвинет, кое е закажано за среда. На Груевски веќе еднаш му беше врачено на рака во судскиот хол, упатен налог за издржување на казната, бидејќи не беше достапен на наведената домашна адреса. Од судот или СЈО засега нема никакво објаснување кога и зошто е презакажано рочиштето кое според распоредот требаше да почне денес во 10 часот.
Од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари соопштија дека до судија за извршување на санкции во Кривичниот суд веќе испратиле известување дека Груевски викендов не се јавил доброволно во затворот на издржување на казната затвор од две години.
Во меѓувреме неговиот адвокатски тим грчевито се обидува да му издејствува одложување на издржување на двегодишната затворска казна. Спотред најавите тие денеска ќе побараат од Основниот суд 1 да го одложи повикувајќи се на истите причини кои се наведени во барањето до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата и на одлуката на Комисијата за дискриминација, чиј претседател е Александар Даштевски кој отворено ја поддржува опозицијата, која смета дека Груевски бил дискриминиран во предметот „Тенк“ од страна на судијата Добрила Кацарска.
Тој е обезбедуван од неколкумина телохранители кои се службеници на МВР, но според законските прописи тие не се должни да ги известуваат надредените за движењето и локацијата на лицето кое го обезбедуваат. Од министерството не соопштија дали воопшто ја побарале таа информација.
Во домашната јавноста се почесто се поставува прашањето каде е Никола Груевски со оглед на фактот што тој од петокот не е виден во јавноста, не се огласил на социјалните мрежи, нешто што го практикуваше во последно време, ниту пак одговара на телефонските повици.
Од неговата матична партија остануваат на ставот дека Груевски е невин и дека е жртва на политички прогон.
„Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен премиер, Никола Груевски е жртва на политичкиот прогон кој го спроведува криминалната власт против секој кој им се спротивставува во распродажбата на државните и националните интереси.„Кацарска судството“ го осуди Никола Груевски во политички монтиран процес без никакви докази во случај во кој што нема ништо спорно“, соопштија од опозициската ВМРО – ДПМНЕ.
Во петокот, Кривичниот совет во скопскиот Основен суд 1 донесе одлука со кое се отфрала барањето на Груевски за одложување на издржување на затворската казна од две години поради обврски во Собранието и пишување на книга поврзана со докторатот. Истиот ден судскиот доставувач неколку пати се обиде да му го достави решението на рака но без успех.