Европскиот Парламент бара преговори со Македонија во јуни 2019

Facebook
Twitter
Email
Print

Со исклучок на неколку екстремистички гласови од Грција и Бугарија, огромното мнозинство европратеници синоќа на дебатата пред гласањето за извештајот за Македонија побараа старт на преговори за членство во ЕУ во јуни, но потсетија дека земјата мора да продолжи со исто реформско темпо.

 

Известувачот Иво Вајгл, но и други европратеници потсетија дека не само Македонија, туку и Европската Унија треба да ги исполни своите ветувања во евроинтегративниот процес. Тој како и многумина други го поздрави Преспанскиот договор и повика тој да биде комплетиран во македонското Собрание и порача дека верува дека преговорите со ЕУ ќе започнат во јуни 2019.

 

„За ова потребна е инклузивна демократска атмосфера, сите треба да соработуваат, треба да се модернизира судскиот систем, да се почитува владеењето на правото, да се создаде простор за слободни медиуми, да се заштитат новинарите и да се води ефикасна борба против корупцијата и организираниот кримина“, порача Вајгл.

 

Еврокомесарот Хан истакна дека земјата се врати на евроатлантскиот пат и ги поздрави изгласаните уставни измени нарекувајќи ги храбар чекор кој очекува да продолжи без одлагање.

 

„Важно е реформскиот момент да се продлабочи во интерес на граѓаните“, изјави Хан потсетувајќи на трите услови запишани во заклучоците на Советот на ЕУ од јуни – независно судство и борба против корупција, контрола на разузнавачките и безбедносните служни и реформата на јавната администрација, реформи без кои преговори не можат да бидат доделени.

 

Константинос Пападакис од Комунистичката партија, пак, порача дека извештајот на Иво Вајгл е „прекршување на ЕУ“ и дека претставува „потклекнување пред големиот капитал за интересите на европските монополи“.

 

„Земја која до вчера не беше подготвена, сега преку ноќ стана подготвена, ова е лудило“, изјави Пападакис и потврди дека ќе гласа против извештајот.

 

Претседателството со Европската унија од први јануари ќе го преземе Романија. Токму тројцата романски европратеници беа едни од најгласните дека Македонија заслужува почеток на преговори со официјален Брисел и изразија жалење што тоа до сега не се случило.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи