Со 50 милиони денари владата ќе ги поддржи печатените медиуми

Facebook
Twitter
Email
Print

Со 50 милиони денари ќе биде поддржано печатењето и дистрибуцијата на печатените медиуми. Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми беше усвоена на вчерашната владина седница.

 

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска на прес-конференција најави дека Програмата ќе биде објавена на веб страницата на Владата. Додаде дека Програмата е изработена во координација со Асоцијацијата на печатени медиуми и Здружението на новинари на Македонија.

 

„Сметаме дека печатените медиуми се основа на новинарската професија и во голем број земји од ЕУ постои ваков вид на поддршка кон печатените медиуми. Вкупниот буџет за печатените медиуми изнесува 50 милиони денари“, рече Бошњаковски.

 

Десетината печатени медуми, колку што опстанаа во земјава, ќе мора да ги исполнат сите критериуми содржани во Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми, која беше усвоена на последната владина седница.

 

„Корисници на овие средства се печатените медиуми од општ информативен карактер, коишто објавуваат содржини насочени кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културолошки прашања. Еден од потребните документи при поднесување на барањето за поддршка е доказ дека медиумот ги има исполнето сите обврски кон државата и секој медиум ќе мора во целост да ги има подмирено платите и придонесите кон сите вработени“, посочи министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и  транспарентност, Роберт Поповски.

 

На прашањето дали се предвидуваат и средства за поддршка на електронските медиуми, Поповски истакна дека секоја иницијатива, која ќе потекне од надлежните организации од фелата ќе биде разгледана.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи