ВИДЕО – Вработените во „Еурокомпозит“ во понеделник најавуваат блокада на патот Прилеп-Скопје

Околу 100 вработени во „Еурокомпозит“ и уште 130 мина кои заминаа како технолошки вишок денеска најавија дека во понеделник ќе го блокираат патот Прилеп-Скопје доколку не им бидат исплатени 2 плати и 50.000 денари како отпремнина. Не се согласувале со ветувањето сега да добијат само по 8.000 денари како дел од плата и 25.000 денари отпремнина, наместо ветените 50.000. Вкупно имале за земање по околу 90.000 денари за отпремнина.

 

 

„Како што гледате тие пари не се исплатени, најновата информација која што ја имаме е дека на луѓево денеска ќе им бидат исплатени по 25.000 денари, од ветените 50.000, а вкупно имаат за земање околу 90.000 денари отпремнина. И ние што требаше да земииме 2 плати ќе нии бидат исплатени од 8.000 до 10.000 денари. Луѓето ќе бидат селектирани, на некој ќе му се исплаќа 8.000 денари, а на некој 10.000 денари. Ние бевме денеска во контакт и со директорот и со претставникот на државниот капитал. Едните велат дека ќе ви бидат исплатени 50.000 денари, директорот вика немам толку пари. И заради тоа ние решивме на овој студ да излеземе на протести, да блокираме патишта и најверојатно да се стационираме пред Влада се додека не се реши проблемот. Сакаме некој од Владава да излези и да ни каже што се случува и дали мислат да си играат и понатаму со овие вработени“, вели Роберт Богданоски, синдикат на Еурокомпозит.

 

Вработените во Еурокомпозит и оние кои заминаа како технолошки велат дека се чувствуваат крајно изманипулирани од Владата и директорот. Денеска требало да ги добијат заостанатите плати и отпремнината.

 

„Веќе 3 месеци сме без никакви примања. Последната плата, ако може да се наречи плата, околу 10-тина илјади денари ја добивме на 27 септември. Значи до денеска буквално си заминавме со прстот во уста. Ако мисли некој дека ние можеме 3 месеции да опстанеме да гледаме фамилии и да плаќаме тековни сметки нека повели нека дојди да биди како е. Други средства немаме освен блокирање на патишта и одење пред Влада се додека не се реши случајот. Старосната граница од сите како што гледате е околу 60 години“, Цветан Бунтески, технолошки вишок.

 

„Се слуша да се исплатат по 25.000 денари отпремнина, за 10 до 15 дена, никој не кажува точно. А најсимптоматично ми е тоа што во изјавите што ги потпишувавме за технолошки вишок најдолу пишуваше дека ни се исплатени средства во висина од 94.000 денари. Прашав јас зошто вака пишува кога ние немаме земено пари, ми рекоа ако сакаш потпишувај ако сакаш не. Затоа јас се сомневам во сето ова“, рече Жарко Талески, технолошки вишок.

 

Вработените велат дека нивната главна борба околу придонесите кои не се исплатени од 2012 година нема престане.

 

„Не лажат дека ќе се продаде фабрикава за 1 месец, за 2, за незнам колку. Ние сме подготвени да формираме едно здружение кое ќе се бори за овие придонеси. Бидејќи тоа беше нашата главна борба. Тоа се 6-7 години неплатении придонеси. Кога одиме во пензија поради тоа земаме по 3 до 4.000 денари помала пензија. Сега Владава дава пари со ребалансот на буџетот за општините по 50 милиони евра фрла, а не сака кај нас за 1 до 2 милиони евра еднаш засекогаш да го реши прашањево“, вели Пеце Вељаноски, технолошки вишок.

 

Доколку до понеделник не им се исполнат барањата вработените од Еурокомпозит прво ќе започнат со блокада на патот Прилеп-Скопје кај местото Заполшки мост.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи