Од дното на Охридското езеро се извадени 12 километри рибарски мрежи, или во должина колку растојанието од источниот до западниот брег на езерото. Екипи од Хидробиолошкиот завод, рибари и нуркачи работеле 18 дена со бродот на Хидробиолошкиот институт, со голема дреџа, а точките ги лоцирале со помош на ехо сонар. Нуркачите работеле на температура од 8 степени на длабочина од 30-40 метри. Ехо сонарот може да се користи на длабочина до 60 метри.
Потонатите мрежи ги има на повеќе локации и дополнително ја влошуваат состојбата на рибниот фонд во езерото која е повеќе од алармантна.
„Станува збор за потонати мрежи, кои со присуството во водениот екосистем, прават штета не само на рибниот фонд, туку и на други живи компоненти. Загрозени се и пастрмките кои поради нивната специфика и биологија на однесување, кога еднаш ќе се најдат во овие мрежи на нивните рибни пловишта нема повеќе да доаѓаат, ниту да вршат природен мрест“, вели Душица Илиќ-Боева од Хидробиолошкиот завод во Охрид.
Од страна на министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство во годишните програми се издвојуваат средства за ваква намена, а дадени се и препораки од страна на рибарите да се пријавуваат загубените рибарски мрежи.
Инаку за целосно одстранување на мрежите според надлежните потребна е прекугранична соработа. Се претпоставува дека на македонско албанската страна има стотици киометри рибарски алат.