СЈО може да остане без „бомби“

Со новото законско решение за СЈО можно е да им се забрани да ги користат „бомбите“, односно материјалите од прислушуваните разговори, со што постои закана да пропаднат триесетина истраги и стотина предистражни постапки на ова обвинителство, покренати против поранешни функционери.

 

Ова бил предлогот на партиите околку изработката на Законот за специјалното јавно обвинителство, што е целосно спротивно од предлозите од СЈО и владината работна група.

 

Министерката за правда Рената Треневска Дескоска, на денешниот брифинг за новинарите, рече дека таа лично смета дека СЈО треба да ја задржи својата моќ и независност, бидејќи тоа се покажало како одлично решение, и дека не треба СЈО да се изедначи и да се стави во рангот на Обвинителството за организиран криминал. Сепак додаде дека околку „бомбите“ има можност за компромис, односно според неа би можеле да се користат како индиции за истраги, но во судска постапка обвинителите да обезбедат нови докази.

 

Дека ќе мора да се прават компромиси е повеќе од очигледно, бидејќи овој закон се носи со двотретинско мнозинство, односно потребно е да гласаат повеќе од 80 пратеници. Исто така очигледно е дека на дел од пратениците, меѓу кои има и обвинети во предмети на СЈО, не им одговара ова обвинителство да продолжи да работи како и досега, па затоа веќе ја поставиле својата црвена линија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.