ВИДЕО – Мерната станица го урна митот дека Прилеп има чист воздух, истото го тврдат и експертите

Ако во минатото се сметаше дека Прилеп нема загаден воздух, поставувањето на првата мерната станица пред Нова Година го докажа спротивното. Иако таа е во фаза на тестирање и калибрирање, бројките, особено во вечерните часови се катастрофални. Миле Грданоски, машински инжинер, термоенергетичар, кој повеќе години се занимава со оваа проблематика вели дека овие бројки иако неофицијални биле скоро точни. При непостоење на струење на воздухот Прилеп има многу загаден воздух.

 

 

„Во Прилеп 70% од населението се затоплува со сурови дрва, исто како што се затоплувале пештерските луѓе, толку сме нашраднале значи, без разлика што уредите за согорување се менувале, загадувањето останало исто“, Миле Грданоски, машински инжинер, термоенергетичар.

 

За среќа оваа загаденост се расчистува преку денот, доколку има ветар. Освен затоплувањето на дрва, главен загадувач се возилата и секако РЕК Битола кој се наоѓа на само 30-тина км.

 

„РЕК Битола користи еден исклучително неквалитетен јаглен што содржи, многу висок  процент на сулфур. Тој сулфур кога согорува дава сулфурни оксиди кој шпто заедно со влагата прават сулфурна киселина. Значи во маглата, во смогот ние немаме вода, туку сулфурна киселина. Гледате колку е тоа штетно кога се нема уреди за десулфуризација“, додава Грданоски.

 

Дека воздухот во Прилеп е загаден најмногу чувствуваат оние со белодробни заболувања. Од Здружение на астматичари и заболени од ХОББ, „Дишам слободно “, велат дека загаденоста на воздухот ја чувствуваат особено во зима.

 

„Кога ќе дојдат вечерните часови јас не излегувам, знам дека е загадено. Ако излезам неможам еден чекор да направам, се заморувам и тешко ми паѓа“, рече Владо Ѓорѓиоски, член на здружение „Дишам слободно“.

 

„Кога ќе биди загадено многу се чувствува, а кога ќе дувни така малку ветре можи да се разреди нешто“, истакна Благоја Бонески, претседател на здружение „Дишам слободно“.

 

Миле Грданоски, машински инжинер, термоенергетичар

 

 

Според Грданоски ниту гасификацијата не би помогнала за намалување на загаденоста, бидејќи истата бара огромни вложувања во повеќе апарати кај домаќинствата. Единствено според него би помогнало изградба на заеднички топлани.

 

„Струмица има повеќе години гас и мрежа но и денес се уште многу државни институции се уште не се приклучени. Зошто, затоа што треба да платат не само приклучок туку треба да го сменат целиот систем на затолување“, потенцираше Грданоски.

 

Додека не се реши огромниот проблем со загадувањето не само Прилеп туку и цела Пелагонија ќе бидат загадени преку целата година.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.