Презентирани мерките од Програмата за намалување на аерозагадувањето

Директно справување со изворите на загадување, креирање јавна свест, од предучилишна до пензионерска возраст, промени во законите што се неопходни и имплементација на Платформа за кооординација и следење на реализација на програмата. Ова се четирите компоненти на кои се базира Програмата за намалување на аерозагадувањето.

 

Ова денеска го соопшти заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во Владата каде се одржа четвртиот од серијата отворени денови за иницијативи на граѓански организации, што се однесува на „Планот за чист воздух” за 2019-та година и неговата временска рамка за спроведување.

 

„Целта на Програмата во 2019 година е како да стигнеме до повеќе корисници кои нема да загадуваат. Граѓаните, голем дел од нив, не сакаат да загадуваат, но за жал социјалниот стаутс е таков каков што е, а наша обврска е како да понудиме алтернатива и тоа е задача на Програмата за намалување на аерозагадувањето“, рече Макрадули.

 

Тој информира дека во текот на овој месец ќе реализираат првите две активности. Тоа е поврзување на студентскиот дом „Кузман Јосифовски -Питу” во Скопје на топлинскиот оператор. Во моментов таму има 490 студенти, а загревањето е на мазут и во зимскиот период се троши 230 тони. Годишно има трошоци од  7,1 милиион денари, од кои пет милиони ги покрива државата. Со поврзувањето на топлинскиот оператор трошоците, како што рече, ќе се намалат на околу 5,3 милиони денари.

 

Втората активност е концептот „Зелен лист – воздух чист”. Се работи за иницијатива на Факултетот на земјоделски науки и храна и Шумарскиот факултет во Скопје во секоја скопска општина, односно во едно основно училиште и една градинка, да се создаде парк од студентите. Таму да се засадат садници кои се автохтони и се произведуваат во Македонија, од опитното поле на нивниот кампус кој е 63 хектари.

 

Шефот на кабинет на градоначалникот на Град Скопје Никола Наумоски се осврна на активностите што ги преземаа нивниот Инспекторат, на раззеленувањето, загревањето на домовите и транспортот.

 

Наумоски соопшти дека во следниот период ЈСП „Скопје” треба да распише тендер за набавка на нови 40 еко автобуси на гас. Поголемиот дел од нив, како што рече, ќе бидат дводелни место двокатни и ќе превезуваат повеќе патници.

 

Најави дека оваа пролет ќе биде отворен нов парк зад Македонска филхармонија и на дел од покривот на Градскиот трговски центар.

 

Во Владата присуствуваа и претставници од повеќе невладини организации, како „Еко – свест”, „Гоу грин”, „Гринер”, „Еко скоп” и „Еко герила” од Тетово, кои имаа свои презентации. Изразија задоволство што се работи на оваа тема и побараа надлежните да изнајдат начин и да им помогнат на мали и микро претпријатија да го променат начинот на греење, да се работи на климатските промени, да се обезбедат монтажни живеалишта за семејствата кои живеат во субстандардни услови во скопските населби… „Еко герила” предлага да им се помогне на претпријатијата Полошкиот регион, кои произведуваат мебел. Според нив, тие го загадуваат воздухот со тоа што се грејат на она што ќе им преостане од работата и потребно е да постават филтри. Сметаат дека потребно е да се отвори и претпријатие кое би призведувало филтри во Македонија за да не се увезуваат од други држави.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.