Општина Прилеп во рамките на проектот „Маркови Кули – заштита и делување“, кој е дел од Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, финансирана од ЕУ, а спроведена од УНДП, распишува награден конкурс за најдобар цртеж на тема „Маркови Кули – предизвик за сите нас“. На конкурсот може да учествуваат сите ученици од основните и средни училишта во градот со свои цртежи.
Учениците, цртежите треба ги достават до своите предметни наставници и потоа да бидат испратени до Општина Прилеп, најдоцна до 10.04.2019 година.
Цртежите треба на посреден или непосреден начин да ја отсликуваат темата на наградниот конкурс, односно во себе да содржат порака за начинот на кој се постапува со заштитените подрачја во Република Македонија. Целта на конкурсот е активно вклучување на младите во заштитата на природните реткости преку избор на цртеж кој би се илустрирал во графички дизајн за потребите на споменикот на природата „Маркови Кули“.
Изборот ќе го направи пет члена комисија составена исклучиво за оваа намена, која ќе ги оцени, а потоа и ќе го прогласи победникот на конкурсот за најдобриот цртеж на тема „Маркови Кули – предизвик за сите нас“, за што е предвидена и награда.
Два дена подоцна, на 12.04.2019 година комисијата ќе го соопшти изборот за најдобра уметничка творба.
Цртежите треба да бидат изработени на блок лист во било која техника, да се наведе име и презиме на авторот, училиште и контакт телефон, а потоа да се испратат до Општина Прилеп.