Пожарот кај Богомила брзо се шири кон Прилеп, побарана помош од канадери

Неколку пожари се активни на територијата на државата, а повеќе се локализирани, соопшти Центарот за управување со кризи.

 

Во општина Чашка пожарот кој се појави во атарот село Мокрени, и се прошири кон селата Богомила и Габровник во делот на село Богомила гори со слаб интензитет, а во делот на село Габровник е со посилен интензитет. На пожарот кон село Габровник ангажирани се лица од Шумското стопанство „Бабуна“ и пожарникари од противпожарната од Велес. Од локалната самоуправа од Чашка од Дирекцијата за заштита и спасување побара ангажирање на авиони бидејки пожарот брзо се шири кон Прилеп.

 

Во општина Крушево, пожарот во атарот на село Норово кон село Селце, сѐ уште е активен. Гори нискостеблеста дабова шума на површина од над 100 до 150 ха. Пожарот во текот на вчерашниот ден по интервенцијата на хеликоптерите од АРМ беше локализиран, но во вечерните и утринските часови повторно се активира и се прoшири. Гори мешaна нискостеблеста и висока дабова и букова шума. Поради ваквата состојба во утринските часови повторно е ангажиран хеликоптер од АРМ. Истиот е сѐ уште на терен и интервенира на пожарот. Интервенираат и пожарникари од ТППЕ Крушево и вработени од ШС „Липа“ Крушево.

 

Активен е и пожарот кај село Јакреново гори нискостеблеста дабова шума на површина од околу 50 Ха. Интервенираат од ШС „Липа“, а се очекува во текот на денот засилување од страна на ТППЕ и хеликоптерот од АРМ, кога ќе завршат со интервенцијата на пожарот кај село Норово.

 

Пожарот во атарот на село Врбоец, каде гореше дабова и букова шума е локализиран. На терен е екипа ШС „Липа“.

Во општина Долнени активен е шумскиот пожар во атар на село Гостиражни. Од утрово вработени од ШС „Црн Бор“ – Прилеп интервенираат на пожарот. Гори дабова и букова шума.

 

Во општина Прилеп, пожарот во атарот на село Полчиште м.в.Торнева нива, е сѐ уште активен. Ангажирани се вработени од ШС „Црн Бор“ – Прилеп. Во моментов гори сува трева и деградирана шума. Опожарена е и помала површина од борова шума и во моментот се преземаат мерки истиот да не се прошири.

 

Во општина Демир Хисар, активен е и пожарот помеѓу селата Мренога и Вирово со кој е опожарена нискостеблеста дабова шума и сува трева на површина од околу 100 Ха. Интервенираат од ШС Бигла – Демир Хисар.

 

Локализирани се пожарите кај селата Русиново, Владимирово, Пресека во близина на манастирот Св.Богородица е локализиран, но на некои места сѐ уште е активен. Интервенираат од ШС „Осогово“ и од ТППЕ Кочани.

 

Во Скопскиот регион, локализирани се пожарите кај село Катлановска Сушица, Цветово, Љуботенски Бачила, а во Струмичкиот регион локализирани се пожарите кај селата Бајково и Бадилен. Во Тетовскиот регион пожарите во селата Луковица и Седларево се ставени под контрола и изолирани.

 

Во врска со пожарите кои се невообичаени за овој период од годината, во Центарот за управување со кризи, денес се одржа состанок со сите раководители на регионалните центри за управување со кризи. На состанокот беа разгледани предизвиците и слабостите со кои се соочуваа институциите на Системот за управување со кризи при справување со пожарите. Со цел надминување на истите, во наредниот период ќе се преземат соодветни мерки и активности за навремено координирање и ефикасно справување со шумски пожари.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи