Уништени возила на македонски туристи во Грција

Facebook
Twitter
Email
Print

Традиционално, секоја година илјадници македонски семејства го слават верскиот празник Велигден во соседна Грција. Годинава продолжениот викенд беше добар повод речиси да се испразнат нашите градови и граѓаните да се релаксираат покрај морето во Грција. Но, десетици семејства наместо да се вратат со убави спомени од продолжениот викенд, велат дека долго ќе го паметат празникот кој буквално им преседнал, бидејќи им биле уништени возилата.

 

Кавадаречко семејство кое било сместено во хотел во Афитос, на првиот крак, во саботата вечерта завршило со демолиран автомобил. Истиот бил паркиран пред хотелот, на само дваесет метри од влезот, но никој ниту слушнал, ниту пак видел нешто.

 

Утрината, кога станале, кавадарчаните затекнале ужасна слика. Искршени стакла, ретровизор, избушени гуми… Повикале полиција, бил направен записник, и за нив завршило велигденското празнување на неславен начин. Претпоставуваат дека со метален предмет било извршено дивјачкото демолирање на нивниот автомобил. Пред тоа, со никого ниту се замериле, ниту пак имале некаков проблем.

 

Дел од екипата на ,,Фокус” пак, во тек на вчерашниот ден затекнаа неколку џипови во близина на бензинска станица пред Гевгелија, со целосно искршени стакла и ретровизори. Се враќале од продолжениот викенд во Грција, но одбија да им се објави идентетот и не сакаа јавно да зборуваат за демолирањето на нивните џипови кое исто така се случило во Грција.

 

„Нема што да се каже, еве се гледа штетата. Нема што да не фотографирате, уште да ни фаќаат сеир и да не исмејуваат ни фали. Не знаеме ни кој, ниту зошто го направил ова. Ни прекисна празникот, ама тоа е веќе завршена приказна“, кратко ни изјавија.

 

На граничниот премин Богородица кај Гевгелија најмногу возила имаше во петокот наутро, иако многумина се упатија во Грција уште во четвртокот попладне, по завршувањето на работното време. Истата слика, со долги колони возила можеше да се забележи и вчера, приквечер, кога илјадници нашинци се враќаа назад.

 

Извор: Фокус

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи